Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на буџетот на ЕУ

Унгарија и Полска денес го блокираа усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за опоравување од пандемијата на коронавирусот поради новиот механизам кој предвидува ускратување на средствата на ЕУ на државите чии влади ги уриваат демократските стандарди и владеењето на правото.

Портпаролот на владата на Унгарија Золтан Ковач потврди на Твитер дека Будимпешта ставила вето на буџетот на Унијата.

„Унгарија, како што предупреди премиерот Виктор Орбан, стави вето на буџетот, бидејќи не можеме да го поддржиме проектот во неговиот сегашен облик кој го поврзува оценувањето на владеењето на правото со одлуките за буџетот. Тоа е спротивно на заклучоците на јулскиот самит“, наведе Ковач.

Буџетот од 1.800 милијарди евра, за периодот од 2021 до 2027 година, минатата недела, по повеќе месеци тешки преговори, го договорија претставниците на 27 членки на ЕУ и Европскиот парламент. Усвојувањето на буџетот, кој вклучува „пакет“ од 750 милијарди евра за опоравување од пандемијата, бара согласност од сите членки на ЕУ.