Унгарија како членка на НАТО, мора да остане надвор од војната во Украина, вели Орбан

Унгарија ќе го забрза развојот на својата одбранбена програма, изјави денеска премиерот Виктор Орбан.
– Мора радикално да ги зголемиме нашите одбранбени капацитети – изјави Орбан за државното радио и нагласи дека во интерес на Унгарија е што поскоро да ја прекине војната во соседна Украина.

Во своето обраќање по самитот на НАТО алијансата, на кој се одлучи да се примат Финска и Шведска во членство, тој рече дека „воената реалност“ во Украина е таква што земјата секојдневно губи многу војници и дека се чини дека војната е далеку, но дека ситуацијата може да се промени.

Орбан рече дека Унгарија, како членка на Алијансата, мора да остане надвор од оваа војна.

– Мора да ги вклучиме моторите и да го забрзаме развојот на одбранбената програма – додаде унгарскиот премиер.

Орбан, кој го освои четвртиот последователен мандат како премиер на изборите во април, рече дека Унгарија не е подготвена да преговара за потенцијално ембарго или ограничување на увозот на руски гас во ЕУ, бидејќи тоа ќе ја загрози унгарската економија.

– Не се неопходни санкции, туку итен прекин на огнот и мировни преговори – рече Орбан и додаде дека е потребен мир за да се запре „воената инфлација“.

Стапката на инфлација во Унгарија е двоцифрена, иако цените на енергијата и основните прехранбени производи се ограничени. Народната банка на Унгарија во вторникот ја зголеми референтната каматна стапка на 7,75 отсто.