Унгарија на 1-ви септември ги затвора границите за странци

Унгарија го затвора своите граници за странците од почетокот на септември, а Унгарците кои се враќаат од странство ќе мора да одат во самоизолација, изјави во петокот шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.

Унгарците ќе може да излезат од 14-дневната самоизолацијата само доколку имаат два негативни теста на Covid-19, објави Гергели Ѓјулаш, пренесе новинската агенција MTI. Исклучоците од забраната за влез во земјата се однесуваат на минувања на воени конвои, на хуманитарните работници и за деловните и дипломатските патувања.

„Се зголеми бројот на заразите и повеќето потекнуваат од странство“, рекол Гјулаш на прес-конференцијата.

Како што појаснил, рестриктивните мерки се потребни поради почетокот на училишната година следната седмица, како и поради заштита на населението и на економијата на земјата.

„Овие мерки се воведени за да се спречи внесувањето на вирусот во земјата“, истакна Гјулаш, додавајќи дека Унгарија, пред сè, на тој начин сака да ги заштити своите постари граѓани, да им овозможи на децата да бидат безбедно подготвени за почетокот на учебната година и да продолжат со економскиот напредок.

Унгарија, поради доброто справување со епидемијата од коронавирусот, започна со попуштањето на рестриктивните мерки. „Не би сакале повторно да воведеме мерки на затворање“.

Унгарија во петокот извести за 132 нови зарази со коронавирусот, што е најголем дневен рекорд од пикот на епидемијата. Досега вкупно се потврдени 5.511 случаи на зараза и 614 смртни исходи од Covid-19.

Будимпешта во септември треба да биде домаќин на натпреварот од Суперкупот на УЕФА, меѓу освојувачот на титулата во Лигата на шамионите, минхенски Баерн и победникот во Лига Европа, шпанска Севилја. Сите натпревари од завршните фази во овие натпреварувања беа играни без публика, но УЕФА одлучи дека може да се пополни до 30 отсто од капацитетот на „Пушкаш Арена“ која може да прими 67.215 гледачи.

Гјулаш рекол дека УЕФА планира да дозволи доаѓање на стадионот по 3.000 навивачи на Баерн и на Севилја. Една од можностите кои се разгледуваат е навивачите да имаат два негативни теста на Covid-19 на аеродромот, потоа да се пренесат до стадионот и по натпреварот да бидат вратени на аеродромот. Гјулаш додаде дека владата во Будимпешта сѐ уште не донела одлука за мерките, како и дека за нив се преговара со УЕФА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.