Унгарија ќе воспостави антикорупциско тело и работна група во којашто ќе бидат претставници на невладини организации за надзор на трошењето на средствата од Европската унија, најави владата во декрет кој беше објавен во службениот весник во понеделникот вечерта.
Овој потег на Будимпешта е насочен на ослободувањето на средствата од фондовите на ЕУ, откако владата на суверенистичкиот премиер Виктор Орбан влезе во битка со неолибералните бирократи во Брисел поради прашањата за миграциите, ЛГБТИ заедницата и почитувањето на правото.
Европската комисија како казна за упорното инсистирање на Будимпешта на националниот интерес сѐ уште не ѝ одобри на Унгарија повлекување на парите наменети за закрепнување на националните економии на земјите членки на ЕУ од влијанието на пандемијата на Covid-19.
Унгарија се соочува и со парични казни од ЕУ, поради истите прашања бидејќи во Брисел тврдат дека наводно Будимпешта не го почитува владеење на правото и за начинот на кој се спроведуваат тендерите кои според европските челници наводно не ги задоволувале антикорупциските заштитни мерки.
Владата на Орбан до 30-ти септември ќе го предложи работниот закон за независно антикорупциско тело во парламентот и се очекува дека тоа ќе биде воспоставено до 21-ви ноември. Новото тело ќе мора да реагира доколку владата не презема доволно чекори да „спречи, истражи и реши случаи на измама, судир на интереси, корупција или други злоупотреби или дела“ при трошењето на средствата на ЕУ, се наведува во декретот.
Владата ќе основа и работна група за борба против корупцијата којашто ќе го советува антикорупциското тело. Половината членови од работната група ќе бидат делегирани од владата, а другите ќе бидат претставници на невладините организации.
Унгарската влада се наоѓа и под зајакнат притисок последните месеци да го постигне договорот со ЕУ, бидејќи националната валута форинтата се симна на ниски нивоа, а инфлацијата како и во остатокот на Унијата постојано расте.
Шефот на кабинетот на Виктор Орбан најави во август дека Унгарија до крајот на октомври ќе измени неколку закони кои ги критикуваше Европската комисија, доколку биде постигнат договор за финансиската помош со извршната власт на ЕУ. Гергели Ѓулас додаде дека Унгарија ќе создаде „најстрог досега и најтранспарентен“ система за надзор на трошењето на средствата од ЕУ, како и на договорите за јавните набавки.