Унгарија воведува вонредна состојба поради војната во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави во вторникот на својот профил на Facebook дека поради војната во Украина којашто предизвика економски превирања во Европа од среда во Унгарија ќе биде воведена вонредна состојба.

Како што појаснува Орбан во објавата, конфликтот во Украина ја загрозува енергетската и финансиска безбедност на земјата.

„Гледаме дека војната и санкциите на Брисел доведоа до огромни економски шокови и остро зголемување на цените. Светот е на работ од економска криза. Владата, остварувајќи го своето право според Уставот, прогласува вонредна состојба од полноќ“, наведува Орбан.

Унгарија и уште неколку земји од Европската унија се под силен притисок на Европската комисија да се приклучат на нафтеното ембарго против Русија, но унгарската економија е силно зависна од руските енергенси и во догледно време без огромни финансиски вложувања не би можела да се преориентира кон други правци на снабдување со енергија.

Унгарскиот премиер во саботата во Нови Сад на отворањето на тамошниот саем на земјоделство, рече дека Будимпешта не се согласува со економски неприфатливите мерки кои се носат во Брисел, споредувајќи поедини санкции против Русија со атомска бомба, и предупреди дека тоа би можело да предизвика нов мигрантски бран.

„Унгарија не се согласува со Брисел во однос на неразумните и неприфатливи мерки против Русија коишто би довеле до раст на цените, глад и невидена масовна миграција. Не треба да се преземаат необмислени санкции кон Москва, бидејќи тие имаа ефект сличен на атомска бомба“, рече тогаш Орбан.

Унгарскиот премиер и претходно нагласи дека воведувањето на ембаргото на увозот на руската нафта ќе предизвика „сериозни проблеми во испораките“ што ќе ја поткопа енергетската безбедност на земјата и ќе резултира со „ценовен шок“ и за унгарското население и за унгарското стопанство.

Орбан, исто така, истакна дека планот на Европската комисија за постепеното откажување од руските фосилни горива до 2027 година, претставен минатата седмица, не содржи предлози за дополнително финансирање на „најзасегнатите членки на заедницата кои немаат излез на море“.

На Унгарија за сигурно и непречено снабдување со нафта би ѝ бил потребен нов нафтовод кој би бил поврзан со Храватска која има излез на море. Покрај тоа, Будимпешта бара гаранции дека Загреб ќе се ангажира на изградбата на таа инфраструктура, како и гаранции за финансиски средства од фондовите на ЕУ што досега не ги добила.