Унгарски Фидеш поднесе предлог-закон за „заштита на националниот суверенитет“

Унгарската владејачка партија Фидеш на премиерот Виктор Орбан поднесе во парламентот нацрт-закон за „заштита на националниот суверенитет“ со што Унгарија би се одбранила, како што се вели во поднесокот, од непримереното политичко мешање на странски лица или групации и организации.

Законот доаѓа откако конзервативниот суверенистички премиер Орбан, кој во изминатите 13 години се конфронтираше со Европската унија околу критиките на неговото упрвување со Унгарија за наводни кршења на „демократските принципи“, ја засили кампањата на својата партија во пресрет на важните избори за Европскиот парламент во јуни следната година. Орбан и Фидеш, кои се на власт со уверливи изборни победи од 2010 година, ги отфрлаат обвиненијата од бирократијата во Брисел за наводно поткопување на демократијата во Унгарија.

Предлог-законот предвидува воспоставување посебно тело коешто би ги следело и истражувало ризиците од надорешното политичко мешање и би препорачувало измени на прописите. Тоа, исто така, би ги казнувало странското финансирање на унгарските политички партии или организации кои се кандидираат на изборите со до три години затвор.

„Суверенитетот на Унгарија е нарушен, и тоа исто така носи зголемен ризик по националната безбедност, доколку политичката моќ дојде во рацете на лица или организација зависни од која и да е странска сила, организација или личност“, стои во предлог-законот на Фидеш.

Пратениците ќе расправаат за споменатиот предлог-закон пред неговото конечно одобрување.

Фидеш, која има двотретинско мнозинство во парламентот, што му овозможува да промени кој и да е закон, ја постигна својата последователна четврта надмоќна победа на парламентарните избори во 2022 година.

Европската унија блокираше за Унгарија повлекување на милијарди евра од заедничките фондови на блокот, обвинувајќи ја Будимпешта за наводно нарушување на владеењето на правото, слободата на медиумите и правата на ЛГБТ заедницата во текот на мандатот на Орбан, кому гласачите му даваат голема доверба перцепирајќи го како заштитниј на суверените унгарси национални интереси. Покрај тоа Брисел, особено е гневен на Орбан поради неговата самостојна политика во односот на војната во Украина и неоткажувањето од соработката со Русија во енергетскиот сектор.

Законот, кој првпат беше предложен во септември, се совпадна со почетокот на кампањата со џамбо-плакати на кои се критикува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со анкетите за политиките на Европската унија, вклучително и големото финансирање на Украина и разговорите за членство на оваа земја во ЕУ поради нерешените прашања на Будимпешта со властите во Киев околу кршењето на правата на унгарската национална заедница во соседната земја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.