ФОТО: Унгарски студен туш за Хан

Eврокомесрот за проширување и соседски политики Јоханес Хан бара „звучно“ објаснување од унгарскиот премиер Виктор Орбан за основите за одобрениот азил за Никола Груевски, но тоа не го стори официјално, туку преку социјалните мрежи, откако на твитер денеска напиша дека владеењето на правото е клучно за кредибилитетот на Европа и ја прозва Унгарија.

Владеењето на правото останува темелен принцип за земјите членки и земјите кандидати на ист начин. Клучно е за кредибилитетот на Европа. Изненадувачки е што Унгарија поддржува членство во ЕУ за Македонија, но, не ја смета за безбедна, напиша Хан.

Меѓутоа, набрзо од Золтан Ковач, портпарол на унгарската влада, му беше возвратено со пораката „да си го прочита сопствениот извештај“ за Република Македонија, во кој меѓу другото, е нотирано дека во земјата има политизирано судство.

Во единствната изјава досега на официјално лице од Европскта унија, пред речиси цела седмица, портпаролката на шефицата на дипломатијата, Маја Коцијанчич, за Пресинг ТВ изјави дека ЕУ не сака да се меша во случајот со поранешниот премиер Никола Груевски и со неговото барање политички азил во Унгарија.

Свесни сме за ситуацијата во врска со господинот Груевски. Ние не коментираме тековни судски постапки. Владеењето на правото е основен принцип на Европската унија, за земјите членки и за земјите кандидати. Очекуваме сите заинтересирани страни да дејстуваат строго во согласност со релавантните правила. Ова е судска постапка која не смее да се политизира, изјави Коцијанчич.

Во понеделникот, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергели Гулаш, одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека за ситуацијата во македонското правосудство говорат и извештаите на Европската комисија и Советот на Европа кои редовно даваат лоши оцени.

Дека македонските власти попусто глумат дека бараат екстрадиција, појасни во средата и унгарскиот министер за правда Лазло Трошани. Тој во интрвју унгарска телевизија појаснува дека со тоа што му е одобрен азил на Груевски, унгарската држава признава дека тој е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран. Трошани појасни дека сега Груевски може да добие патни документи и слободно да ја напушти Унгарија, доколку сака.