УНХЦР посочува дека десетици илјади цивили во бегство поради турската офанзива

Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) соопшти денеска дека десетици илјади цивили во Сирија се обидуваат да побегнат од борбите и бараат безбедност поради турската офанзива во тоа подрачје.

Соопштението на УНХЦР е издадено еден ден откако турската војска започна воена операција против курдските борци во Сирија.

УНХЦР ги повика инволвираните страни во конфликтот да се придржуваат кон Меѓународниот хуманитарен закон и да овозможат пристап до хуманитарните организации.

Агенцијата на светската организација нагласи дека моментно стотици илјади цивили во северниот дел на Сирија се наоѓаат во опасност, додавајќи дека граѓаните и цивилната инфраструктура не смеат да бидат мета на напад.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, соопшти дека вчера повеќе од 60.000 луѓе ги напуштиле своите домови во северниот дел на Сирија поради турската офанзива.

– Тие бегаат од зоната во близина на границата со Турција, посебно од областите Рас ал Аин и Дарбасија, наведе сирискиот Центар, додавајќи дека бегалците главно се движат кон источниот град Хасака.

УНХЦР нагласи дека по осум години судири во земјата, 5,6 милиони Сиријци живеат како бегалци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.