УНИЦЕФ апелира: Илјадници деца во Украина имаат итна потреба од психолошка поддршка

Илјадници деца во Украина имаат итна потреба од психолошка поддршка со оглед на трауматските искуства од војната, соопшти денеска УНИЦЕФ. „Според проценките на агенцијата за деца на ОН, од 4.000 до 6.000 професионалци по детска психологија сè уште се во земјата и мора да се направи сѐ за да се обезбедат нивните плати и да се поддржат за да можат да продолжат со својата важна работа“, изјави експертот на УНИЦЕФ Арон Гринберг.

На околу 91.000 деца и млади луѓе кои веќе биле згрижени во засолништа пред руската инвазија на 24 февруари, им треба посебно внимание, додаде тој.

Многу од овие деца се во сиропиталишта и детски домови за млади лица со посебни потреби, додека околу 35.000 се вратиле кај своите семејства по почетокот на нападите, но сè уште им е потребна поддршка.

Според Гринберг, 56 мобилни тимови патуваат низ земјата обезбедувајќи грижа за децата и нивните семејства кои доживеале траума, вклучително и сексуално насилство.

Од почетокот на војната, УНИЦЕФ помогна да се организира психосоцијална помош за 145.000 деца и адолесценти, рече тој, при што им се помогна и на околу 34.000 малолетници со посебни потреби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.