УНИЦЕФ: Пандемијата на Ковид-19 веројатно индиректно ја зголемила детската смртност во Југоисточна Азија

Пандемијата на Ковид-19 можно е индиректно да придонела за зголемување на смртноста кај децата во Југоисточна Азија минатата година, со 228,000 дополнителни смртни случаи кај деца, се наведува во извештајот кој денеска го објави УНИЦЕФ.

Во извештајот се вели дека има драстично намалување на пристапот до здравствени услуги поради пандемијата во Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш, Авганистан и Шри Ланка, каде живеат вкупно 1,8 милијарди луѓе. Ова намалување има катастрофално влијание врз здравјето и прехраната на најсиромашните семејства, рече Џорџ Лареа-Аџеи, регионален директор на УНИЦЕФ. Тој повика на целосно обновување на оние здравствени услуги што им се потребни на децата и мајките. Претставникот на УНИЦЕФ, исто така, ги повика локалните власти да преземат мерки за да ги убедат луѓето дека пристапот до овие здравствени услуги е безбеден.

Земјите во регионот, како и насекаде во светот, воведоа строги мерки на изолација за борба против ширењето на коронавирусот. Оттогаш, многу ограничувања се олеснети. Но, дури и таму каде што здравствените услуги не се целосно укинати, бројот на луѓе кои прибегнаа кон нив се намали, се вели во документот. Како пример, во Непал и Бангладеш во 2020 година има пад од над 80 проценти во третманот на деца кои страдаат од акутна неухранетост. Вакцинациите против дифтерија, тетанус и пертусис (голема кашлица) се намалени за 35, односно 65 проценти, во Индија и Пакистан.

Како резултат на пандемијата, околу 420 милиони деца во југоисточна Азија се лишени од училиште. Девет милиони деца можеби никогаш нема да се вратат на училиште, се предупредува во извештајот.

Оваа ситуација може да доведе до зголемување на браковите со деца и да доведе до дополнителни 400.000 бремености кај тинејџерки, се вели во извештајот. Ова, исто така, доведува до зголемена смртност при раѓање и кај новороденчиња. Извештајот констатира и дека минатата година во регионот имало 3,5 милиони случаи на несакана бременост.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.