УНИЦЕФ предупредува дека пандемијата би можела да биде катастрофална за децата

Пандемијата на коронавирусот ја загрозува основната грижа за најсиромашните деца в светот кои живеат во земјите во развој и кризните жаришта, предупреди денеска УНИЦЕФ.

– Пандемијата е егзистенцијална закана за милиони деца, рече шефот на германската подружница на УНИЦЕФ Христијан Шнајдер.

– Само со меѓународно координирана акција може да се спречи светската здравствена криза да се претвори во катастрофа за децата, истакна тој.

Посебно е загрижувачко ширењето на вирусот во преполните бегалски кампови во Грција и Сирија.

– Многу деца таму веќе страдаат од неисхранетост и претходни болести и имаат преслаб имунитет за да се борат против новите опасности, рече Шнајдер.

Тоа важи и за децата во Јужна Африка. Околу 40 отсто Африканци дома немаат можност да ги мијат рацете со вода и сапун, што е од клучно значење за запирање на вирусот. Во Азија посебно загрижува бројот на заразени во Бангладеш.

– Повеќе од 850.000 припадници на Рохинџите живеат во преполни бегалски кампови, рече Шнајдер.

УНИЦЕФ апелира до владите, компаниите и приватните донатори да направат се што можат за да обезбедат заштита и нега за загрозените деца.