Уникатен докторат за контраразузнувањето во Македонија на Правниот факултет

Пред неколку дена на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со особено внимание беше проследена одбраната на докторска дисертација на Зоран Кнежевиќ, на тема контраразузнувањето како инструмент за сузбивање на активноста на странските разузнавачки служби во нашата земја, прв ваков труд во историјата на Македонија.

Специфичноста на темата предизвика голем интерес, а на настанот меѓу другите присуствуваа и поранешниот премиер Владо Бучковски, професорот Гордан Калајџиев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Кнежевиќ кој доаѓа од Управа за безбедност и контраразузнавање, во својот докторат ги детектира можните злоупотреби кои се случуваат во службените досиеја кои се водат за разни профили на граѓани, а во кои може да се пронајдат произволни и неточни информации, кои не подлежат на проверка. Вели дека не постои адекватна интерна контрола за веродостојноста на фактите кои произлегуваат од примената на посебните мерки и мерки во оперативната работа. Предложува да се формира внатрешна комисија за проверка на содржините добиени со мерки за следење на комуникациите, врз принципите на професионализам и заштита на човековите права и слободи, како и деполитизација која е неопходна за реформите.

Главната хипотеза во неговиот труд е дека постои евидентен недостиг од квалитетни информации со актуелниот модел на контраразузнавање, далеку од релевантни извори на сознанија, а последица на тоа е задоцнет одговор на разузнавачката активност.

Според него, отсуството на соодветен модел на тимска работа придонесува да не се спречат сите кривични дела на шпионажа и операции водени од странски разузнавачки служби. За недоволната ефикасност на службите, тој ја посочува неправилната примена на специјалните истражни мерки и нивната злоупотреба во одредени случаи.

Кнежевиќ препорачува воведување на пракса за интерно огласување на слободни работни места, промена на критериумите за напредок во кариерата, правна, материјална и друга заштита на лица кои се во организиран однос со контраразузнувањето, воведување на нов модел на тимска работа кој овозможува ефикасен механизам на идентификација, превенција, рано документирање на закани, ризици и предизвици.

Генерални заклучоци се дека неправилната примена на специјалните истражни мерки, нивна злоупотреба во одредени случаи и нивно користење за нелегитимни цели придинесува за недоволна ефикасност на службите во сузбивање на странскки разузнавачки служби. А, се потенцира и неефикасната  контрола за веродостотјноста на содржините од поселбите истражни мерки и од оперативната работа.