Претседателот на Европската комисија на заминување, Жан-Клод Јункер го прекина одморот поради неодложна операција, соопшти во саботата службата за односи со јавноста.
„Жан-Клод Јункер мораше да го скрати одморот во Австрија поради медицински причини. Префрлен е назад во Луксембург каде што ќе биде подложен на итна операција на жолчката“, се истакнува во соопштението.
Јункер, поранешен децениски премиер на Луксембург чиешто здравје со години е предмет на разни шпекулации меѓу политичарите во ЕУ, аналитичарите и медиуми, треба да отстапи од челната позиција на Европската комисија на 31-ви октомври. Ќе го замени досегашната конзервативна германска министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен, која стана првата жена на чело на ЕК.