УО на Пошта со предлог до синдикатите за зголемување на платите од јуни и од август

Управниот одбор на Пошта на РСМ, каде од изутрина почна генерален штрајк, им понуди на синдикалните организации од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3000 денари платите на 1700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август и на административните службеници.

-Откако предлогот ќе биде доставен официјално ќе биде разгледан од синдикалните одбори, ќе изготвиме спогодба и доколку се прифати понудата и се потпише спогодбата штрајкот ќе биде прекинат, информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигданов на заедничка прес-конференција со членовите на УО и генералниот директор Јани Макрадули.

Главното барање на синдикатите е линерно зголемување на платите од 3000 денари. Предлогот  што го добиле е за тој износ преточен во бодови согласно со Колективниот договор на Македонска пошта.

-Да се исполнува нашето барање со компромис согласно финансиските можности, рече Велигденов.

Генералниот директор Макрадули  информираше дека вработените ги почитуваат законските обврски за работа и испорака на пратките во услови на штрајк. Со оглед дека се почнати преговорите, како што информира, дневниците на вработените ќе им бидат исплатени.