Љупчо Папазов: Кочани ќе биде град по мерка на граѓаните

Разочараноста на граѓаните предизвикана од нереалните ветувања и очекувања, губењето на довербата во институциите дека може да ги решаваат проблемите на луѓето се главните причини поради кои одлучив да го прифатам предизвикот да бидам кандидат за градоначалник и да ја барам поддршката од моите сограѓани за промена на состојбите во општината кон подобро, вели Папазов.

Кандидатот за градоначаник на Кочани, Љупчо Папазов, во интервју за Нетпрес се осврнува на дел од проектите кои ќе бидат реализирани како целосно дигитализирана комуникација во давањето на административни услуги, квалитетно и ефикасно решавање на сообраќајниот метеж, подобро и поуспешно планирање на урбанизацијата, комунално уредување на неколку поголеми јавни простори, зголемување на деловната активност на стопанските субјекти преку институционализација на иновативни иницијативи…

  1. Зошто кандидат за градoнaчалник, што ве поттикна да станете прв човек на Кочани?

Согледувајќи ги последиците од лошите политики како на државно, така и на локално ниво, разочараноста на граѓаните предизвикана од нереалните ветувања и очекувања, губењето на довербата во институциите дека може да ги решаваат проблемите на луѓето се главните причини поради кои одлучив да го прифатам предизвикот да бидам кандидат за градоначалник и да ја барам поддршката од моите сограѓани за промена на состојбите во општината кон подобро.

  1. Каква е состојбата во општината и со кои проблеми се соочуваат граѓаните секојдневно?

Во Кочани доминира една летаргична состојба, предизвикана и оптоварена со политики кои се недоволно искомуницирани и се креирани во потесен круг на властодржци, а честопати за негативните ефекти од таквите политики изостанува преземањето на одговорност и нерешеноста на проблемите се пробува да се избегне преку прогласување на ненадлежност за истите. Самоволното проектирање на извесни решенија во дел од инфраструктурата, резултира само со козметички зафати кои понатаму се покажуваат како суштински нефункционални. Поголема отвореност кон поинакви размислувања, предлози и идеи и подготвеност за нивно прифаќање речиси не постои. 

  1. Која е вашата визија за Кочани, како го гледате градот во наредниот период?

Кочани да биде град со вистинска рефлексија на современото живеење, град со похумани вредности, поголемо взаемно разбирање и толерантност. Да се остваруваат цели за одржлив развој на целата општина за да може младите перспективно да ја планираат својата иднина дома, а сериозно внимание да се води и за имплементација на еколошки подобни решенија. Во работењето во прв план да бидат ставени индивидуалните стручни знаења и способности, кои понатаму ќе придонесат за успешна тимска работа и широка соработка за решавањето на клучните локални проблеми. Општинското управување да биде суштински транспарентно, засновано на професионална администрација со модернизирани технички капацитети за поефикасна служба на граѓаните. 

  1. Кои се клучни проекти кои треба да се спроведат?

Има низа на проекто кои ќе се спроведат во градот. Еве кои се клучните: Целосно дигитализирана комуникација во давањето на административни услуги и поголема инклузивност во носењето одлуки преку современо електронско интерактивно учество на граѓаните; Квалитетно и ефикасно решавање на сообраќајниот метеж; подобро и поуспешно планирање на урбанизацијата; Комунално уредување на неколку поголеми јавни простори; Зголемување на деловната активност на стопанските субјекти преку институционализација на иновативни иницијативи.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.