УПОЗ и КСС до Заев: Од корумпирана власт се раѓа корумпирана администрација

По вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека нема корупција во високите ешалони на власта, односно дека таа е детектирана кај административните службеници, со реакција излезе Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Синдикатот на УПОЗ во соопштение до јавноста вели дека изјавата на премиерот е паушална и истата во континуитет преставува напад на државната администрација како единствен виновник за лошата перцепција на граѓаните дека таа е неработна и корумпирана. Притоа се заборава дека тоа влијае врз целокупниот имиџ на Владата и државата, велат од УПОЗ.

-Корупцијата како механизам за придобивање на материјални и други придобивки за лична корист, не може да се гледа издвоено, во само еден сегмент на власта односно администрацијата, како што напомена премиерот Заев, без притоа не се спомене корелацијата со врвот на истата, особено што партиското поставување на кадри и организацијата која е хиерархиски поставена, е заемно поврзана. Синдикатот на УПОЗ смета дека корупцијата е сериозно прашање за сите вработени, и затоа предлагаме заедно со Владата како социјални партнери заеднички да се вклучиме во нејзиното сузбивање бидејќи таа е закана за иднината на државата, велат од УПОЗ.

По Синдикатот на УПОЗ, за изјавата на премиерот дека корупција има, но не и кај високите ешалони на власта, реагираше и Конфедерацијата на слободни синдикати.

КСС остро се спротивставува на изјавата на претседателот на Владата, Зоран Заев дека корупцијата не постои во високите ешалони на власта и дека единствено корумпирани се административните службеници. Премиерот упорно манипулира со јавноста, но воедно и со административните службеници кои што оваа власт ги става под големи притисоци, а со цел истите да бидат осудувани од самата јавност дека се корумпирани – велат од КСС.

-Корупцијата во највисоките ешалони на власта постои, а тоа го покажуваат бројни извештаи меѓу кои тој на Транспаренси Интернешнл и на Стејт Департментот, па што и да речете, на кого и да ја префрлате вината, вашата влада, заедно со министерствата и државните органи се оние кои што се корумпирани, предупредуваат синдикалците.

Тие сметаат дека корупцијата потекнува, од како што велат, премиерските избраници кои вршат политички притисок врз вработените во јавниот сектор.

Корупцијата никогаш не може да се случува од доле па нагоре, туку обратно, бидејќи јавните набавки и тендерите се во рацете на функционерите коишто се избрани од страна на Владата – сметаат од Конфедерацијата.

-Немојте вработените во администрацијата да ги ставате во неповолна ситуација, само за вие да се извлечете, бидејќи тоа нема да ви помине. Впрочем, многу пати во минатото сме кажувале дека од 120.000 вработени во јавниот сектор, 58.000 вработени државни службеници земаат плата од 15.000 до 17.000 денари, сума со којашто не можат ни да ги покријат основните трошоци за живот, со оглед на тоа дека имаме поскапување на најголемиот дел од производите кои што ни се потребни за да преживееме – додаваат во денешното соопштение.

Конфедерацијата апелира да им се зголемат платите на административните службеници и да се направи дигитализација на администрацијата.

-Доколку продолжите вака да ги обвинувате административните службеници, наскоро ќе се соочите со нивниот револт кој што верувајте дека нема воопшто добро да се одрази врз функционирањето на системот во државата – предупредуваат од Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.