Управниот суд мора да донесе правилна одлука, а меѓународната заедница да ја поздрави и прифати

Државнички проглас кој преставува браник на македонската демократија и македонските интереси. Вака аналитичарите го оценуваат прогласот усвоен од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во него, меѓудругото стоеше дека оваа партија веќе нема да толерира странско замешателство и дека ќе се бори против кантонизација на земјата и за контрола на парите на Сорос во Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека ако и Управниот суд потклекне под притисоците и ги потврди незаконските одлуки на Државната изборна комисија, партијата нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување.

„Прогласот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој имавме можност да го слушнеме пред неколку дена пред се би го оценил како државнички и како проглас на лидер којшто ја почувствувал сензибилноста на моментот, а да потсетам пред два дена се уште ДИК ги немаше соопштено дефинитивните одлуки по приговорите, а огромна маса на луѓе протестираа пред објектот во кој е сместена Комисијата“, посочува аналитичарот Александар Пандов.

Тој вели дека Груевски упатил јасни пораки како до внатрешната, така и до меѓународната заедница, и дека според него мешањето на амбасадорите во внатрешно- политичките прашања на земјата не треба и не можат веќе да се толерираат, односно дека тие да останат во рамките на овластувањата кои ги имаат како дипломати.

pandov„Прогласот би го поделил во два дела, едниот којшто се однесува на внатрешната заедница и сите чинители коишто учествуваат на македонската политичка сцена, а тука пред се би ги издвоил Државната изборна комисија и Управниот суд во кого сега се вперени очите граѓаните и на македонската јавност. Јас очекувам позитивна одлука по жалбата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да ги потврди резултатите кои претходно граѓаните ги одлучија, а тоа е 51 мандат за ВМРО-ДПМНЕ и 49 за СДСМ. Вториот дел кој се однесуваше на меѓународната заедница, а тој е оти треба да сфатат дека ножот е во коска и дека нивното мешање во државата и работење против државните интереси, а посебно против одредени партии во Република Македонија премногу пречи и по ниедна цена веќе не може да се толерира. Евроамбасадорот и американскиот и германскиот амбасадор како и во секоја друга држава треба да ги гледаме по пригодни прослави и свечености или работи поврзани со Македонија и земјите кои тие ги претставуваат, а не како луѓе кои ќе работат против интересите на една партија и на некои граѓани. Политичката волја на граѓаните беше јасно изразена и единственото нешто што се очекуваше од амбасадорите е да ја поздрават таа граѓанска волја, а не да се обидуваат да ја преиначуваат“, смета Пандов.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одлуката на Државната изборна комисија да го поништи гласањето на избирачкото место во Гостивар, во шестата изборна единица, е незаконска од повеќе аспекти, како и поради тоа што е донесена откако е пробиен законски определениот рок од 48 часа.

„Изминатава недела дена бевме сведоци на обиди од страна на некои од членови од ДИК да ја оспорат волјата на мнозинството граѓани. Изминатава недела дена македонската јавност беше сведок на непрофесионално однесување на дел од членовите на ДИК, кои се впуштија во постизборен инженеринг. ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе тужба кон решението на ДИК да се поништи гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар“, нагласи Никола Тодоров од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој воедно нагласи дека одлуката на ДИК е незаконска и зашто доставениот приговор до Комисијата бил без потпис од страна на подносителот, движењето Беса.

„Иако дел од членовите на ДИК укажаа на овој пропуст, Комисијата спротивно на правилникот за приговори не го отфрли. Само овој потпис што недостасува е доволен за Управниот суд да донесе решение со кое ќе ја отфрли оваа одлука на ДИК’, посочува Тодоров.

Тој додава и дека ДИК одлучила да се изведе графолошко вештачење, без да се обезбеди наредба за вештачење и без да се одреди начинот на кој ќе се врши графолошкото вештачење. Вештачењето, како што посочува, го вршело лице што немало дозвола за таков вид вештачење, односно дека лицето  што го извршило ова вештачење е вработено во АД МЕПСО, Скопје.

„Вештачењето беше извршено без присуство на претставници од политичките партии, што остава сомнеж за околностите под кои е извршено“ појаснува Тодоров.

Очекува дека Судот ќе донесе правилна одлука и оти ќе спречат седум невини луѓе да завршат во затвор поради незаконско однесување на ДИК, додајавјќи дека  секое поинакво постапување ќе значи крадење на изборната волја на граѓаните.
Од Управниот суд соопштија дека доцна попладнево ќе одржат седници на која ќе бидат разгледани две тужби поднесени од Коалицијата за предвремени парламентарни избори 2016 предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија.
Во 18 часот ќе се одржи јавна седница по поднесената тужба од Коалицијата предводена од СДСМ за УРП.бр.513/2016 за поништување на Решението на Државната изборна комисија УП1.бр.10-493 од 17.12.2016 година. Во 18:30 часот ќе се одржи јавна седница по поднесената тужба од Коалицијата предводена од СДСМ УРП.бр.514/2016 за поништување на Решението на Државната изборна комисија УП1.бр.10-490 од 17.12.2016 година.

Одлуките на Управен се конечни, а судот има рок од 48 часа да постапува по тижбите, како и рок од 24 часа одлуките да ги објави на својата веб страница.