Ураганот Фиона се движи кон Канада

Канада се подготвува за налетот на ураганот Фиона кој тамошната метеоролошка служба го нарекува „историски“, откако ги опустоши Карибите и предизвика поплави и прекин во снабдувањето со електрична енергија на Бермудите.

„Како ќе биде оценет во историските учебници ќе одредиме по настаните, но сигурни сме дека тоа ќе биде историски и екстремен настан на истокот на Канада“, изјави на конференцијата за медиумите во петокот Боб Робишо, метеоролог во Канадскиот центар за прогноза на ураганите кој Фиона ја оцени како „голем“ ураган.

Откако накусо повторно ја вброи Фиона во 4-та категорија на Сафир-Симсоновата скала, којашто има пет степени, американскиот Национален центар за урагани (NHC) со седиште во Мајами, во својот последен извештај го врати ураганот во третата категорија, со налети на ветер до 200 километри на час.

„Иако постепено ќе слабее, Фиона ќе биде силен циклон во текот на своето минување низ Канада“, пишува NHC.

Според последните достапни податоци на мрежните страници, ураганот во 23 часот во петокот по средноевропско време беше на помалку од 600 километри од канадските Халифакс и Нова Шкотска.

Властите во овие две покраини на крајниот исток на Канада издадоа предупредување поради можни прекини во снабдувањето со електрична енергија, повикувајќи го целото население да остана во своите домови и да се снабдат со резерви храна доволни за најмалку 72 часа.

И во соседната покраина Островот на Принцот Едвард, жителите се подготвуваат за надоаѓањето на ураганот. Премиерот Џастин Трудо ги повика сограѓаните на претпазливост.

„Бурата утре наутро (сабота по канадско време) ќе пристигне на копното на атлантскиот брег на Канада и силно ќе го погоди целиот региони, па и некои делови на истокот на Квебек“, предупреди Трудо на прес-конференција во петокот.

Претходно во петокот по локално време Бермудскиот архипелаг го погодија налети на ветер од 160 километри на час и силни дождови. Но по разорното минување преку Карибите, ураганот Фиона мина покрај оваа британска територија среда Атлантскиот Океан без да предизвика ниедна жртва, ниту поголема материјална штета.

Ураганот Фиона однесе четири човечки животи во американската територија Порторико, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на тамошните власти. Едно лице загинало во Гвадалупе, француска прекуморска територија, а две лица смртно настрадале во Доминиканската Република.