Ураганот Ијан повторно зајакна, се приближува до брегот на Јужна и на Северна Каролина

Ураганот Ијан повторно зајакна и денеска ќе се приближи до брегот на Јужна Каролина, објави Националниот центар за урагани (НХЦ).

Иан, кој ослабна до тропска бура откако ја опустоши Флорида, сега е оддалечен околу 540 километри од Кејп Феар, Северна Каролина, а ветровите дуваат со брзина од 120 километри на час.

„Иан може малку да зајакне пред да стигне до копното, по што се прогнозира брзо слабеење над југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави од петок до сабота“, се додава во извештајот на центарот со седиште во Мајами.

Се очекува Ијан да стигне на копно околу 14 часот по локално време во петок, северно од Чарлстон. Издадено е предупредување за ураган за крајбрежната област долга околу 370 километри, од границата на Јужна Каролина и Џорџија сè до Кејп Феар во Северна Каролина.

Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер ги повика жителите да ги „преземат неопходните мерки“ и предупреди на можноста од поплави, лизгање на земјиштето и торнада. „Бурата е сè уште опасна“, рече Купер.

Ураганот Иан ја погоди Флорида во средата попладне како ураган од четврта категорија, со максимални ветрови од 150 милји на час.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера во седиштето на Федералната агенција за управување со катастрофи изјави дека ураганот Ијан може да биде „најсмртоносниот“ ураган во историјата на Флорида.

„Сè уште не се познати точните бројки, но според првите извештаи што ги слушнавме, бројот на жртвите може да биде значителен“, рече Бајден.