Урбанизмот и градежништвото најподложни на корупција

Урбанизмот и градежништвото се најподложни на корупција, правосудството не постапува доволно, а граѓаните сметаат дека корупцијата е поголем проблем, дури и од проблемот со невработеноста, истакнаа учесниците на денешната панел дискусија на тема „Корупцијата во урбанизмот и градежништвото”, организирана од Коалицијата „Сите за правично судење” .
Извршната директорка на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова, рече дека граѓаните сметаат дека најмногу корупција има во издавањето градежни дозволи, спроведувањето инспекциски надзори, подготовката на деталните урбанистички планови, спроведувањето на јавните набавки.
– Овие резултатите потврдуваат дека урбанизмот и градежништвото се област или меѓу областите најподложни на корупција и тоа заради сите оние спреги кои постојат, како економските интереси, политичките притисоци, правните празнини, истакна Бејкова.
Истражувањата на НВО Инфоцентарот покажале дека урбанистичките планови се повеќе го забораваат јавниот интерес и во нив доминираат планови како оние за бензиските пумпи, винариите, фотоволтаците.
Според претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, корупцијата ја генерираат неколку фактори, како ниското ниво на интегритет на човечкиот фактор, силното политичко влијание во јавниот сектор и злоупотреба на овластувања, неказнивост поради проблеми во владеењето на правото какао и ниската стапка на санкционирање на коруптивното однесување и несоодветен систем за надзор и контролни механизми во јавниот сектор.

„Градежните зафати чие одобрување во надлежност на овој сектор вообичаено се многу скапи, а тоа остава простор за притисоци, влијанија и поттикнување на коруптивното однесување, од таа причина издавањето на различните документи, одбренија како и инспекцискиот надзор се сметаат како точки кои можат да генерираат висок ризик од корупција во овој сектор, порача Ивановска.

Таа додаде дека дополнителен проблем е надвладување на приватниот над јавниот интерес при изготвување на просторните и урбанистичките планови, недоволната транспарентност во постапките за просторно и урбанистичко планирање како и недоволен надзор над изведбата на надградбите од втора категорија.
– Урбанистичкото планирање е можеби најважниот дел во овој сектор од кој се очекува да се даде акцент на јавниот интерес, всушност и самиот урбанистички план е огледало на јавниот интерес, меѓутоа носењето на урбанистичките планови често е проследено со низа контраверзиии најчесто предизвикано од надвладувањето на приватниот интерес над јавниот, подвлече таа.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, рече дека општините кои управуваат врз основа на дадена согласност од централната власт се одговорни за подготовка на ДУП-ови и урбанстички планови, за издавање на дозволи за градба, и зашто се градат толку згради

„Единствена причина е бидејќи општините се обеспарени, немаат финасиски средства, доколку некои од нив не издават дозволи за градба и не прават приходи од комуналии не ќе не можат ни платите да ги исплатат согласно сегашната состојба и заради тоа се под притисок дека треба да издадат многу повеќе дозволи отколку што планирале, изјави Перишиќ и додаде дека вината не е во општините,а секој што згрешил треба да одговара.
Панел дискусијата е активност која се организира во рамки на Годишната програма за работа на Коалиција „Сите за правично судење”, финансиски поддржана од страна на Европската комисија преку Делегацијата на Европската унија во Скопје.