Уредот кој му донесе шест титули на Хамилтон ќе биде повлечен од Формула 1

Светскиот совет за моторспорт на ФИА го усвоил финалниот предлог за новите правила на Формула 1 поврзани со моторите, кои треба да стартуваат од 2026 година.

Иако медиумите најавуваат дека документот се потпира на „четири столба“ за да продолжи да го прави спортот интересен и гледлив, главната вест е дека хибридните турбо мотори кои беа воведени во 2014 година ќе бидат редизајнирани на начин кој всушност претставува исфрлање на уредот наречен „MGU-H“, кој беше поврзан со турбо-полначот и создаваше електрична енергија од издувните гасови.

Луис Хамилтон ја освои првата шампионска титула во 2008 година како член на Мекларен Мерцедес, а од 2014 година освои уште шест наслови светски првак како возач на Мерцедес за време на новата ера на турбо-моторите во кои беше вметнат и „MGU-H“ уредот.

Хибридниот погон ќе биде задржан и од 2026 година натаму, бидејќи уредот „MGU-K“ порано познат како „КЕРС“ останува и во новиот сет на правила. Овој уред ја конвертира топлинската енергија што се ослободува преку сопирачките во електрична енергија што се складира во акумулатори и му дава потенцијал на електромоторот. За да се стави акцент на хибридноста, зголемена е максималната граница за употреба на електричната енергија на 350 киловати, наспроти досегашниот лимит за „MGU-K“ од 120 киловати.

Втората главна вест е дека Формула 1 се свртува кон синтетичките вештачки горива. Се верува дека технологијата поврзана со „MGU-H“ веќе им е добро позната на производителите на возила, но дека таа има слаба примена во секојдневните автомобили. Наспроти тоа, ФИА подолго време инсистираше на био-компоненти во горивото со цел да се намали емисијата на јаглерод двооксид, за од 2026 година да се премина на комплетни „одржливо гориво“.

Лимитираниот буџет на тимовите до 2025 година останува на 95 милиони долари, а од 2026 година се зголемува на 130 милиони долари. Помалите прекршоци ќе бидат казнувани со помали казни од спортска природа, додека за големите прекршоци се предвидени казни со одземање на бодови.

Се верува дека со потврдата на овие правила, се прават чекори да се привлечат нови фабрики во спортот, при што групацијата Фолксваген е во центарот на вниманието. Се очекува Порше да стане ко-сопственик на екипата Ред Бул, додека Ауди најчесто го поврзуваат со Мекларен, иако се шпекулира и со други опции како формирање на комплетно нов тим.