Уредувачката политика на Телма дел од дилот меѓу Владата и Макпетрол

Тоа што не може да се купи со пари, може да се купи со многу пари. Ова е позната изрека, што беспрекорно функционира во реалноста, особено во светот на македонските олигарси и тајкуни, уште по осамостојувањето на државата и посебно по спроведувањето на мрачниот процес на приватизација.

И во овој контекст треба да се гледа и на улогата на медиумите во земјата, зашто тие во ништо не се разликуваат од сите останати економски субјекти. Сопствениците на медиумите, посебно на електронските со национална концесија, отсекогаш ги користеле како средство за притисок кон секоја власт, со единствена цел за остварување на сопствените финансиски интереси.

Случајно или не, телевизијата Телма деновиве одново се најде во центарот на вниманието на јавноста. Веќе стана отворено забележлива промената во нејзината, досега релативно балансирана уредувачка политика, која доживеа целосен пресврт. Така, веќе извесно време наназад Телма се претвори не во провладин медиум, туку во класичен пример на филмските пропагандни журнали од типот на „Застава филм ви прикажува“, толку карактеристични од времето на едноумието, пишува Република.

Во политичко-информативните емисии на телевизија Телма доминираат вести и информации во полза на власта, а место за опозицијата нема! А, ако, пак, го има, тогаш таа е изложена на напади и притисок како да е она власт во државата! Професионалниот и балансиран приод во информирањето станаа равенка со две, три непознати.

Посебна приказна се информативните емисии во кои како гости се поканети претставници на опозицијата. Наместо коректен однос, водителите манифестираат нервоза, па и отворена нетрпеливост, што се граничи со немање елементарна култура во однесувањето.

И на најголемите лаици и непристрасни гледачи и набљудувачи им е повеќе од јасно дека целата ситуација се измени откако дојде до дил меѓу Владата на премиерот Зоран Заев и компанијата Макпетрол АД-Скопје, која е сопственик и на телевизијата Телма, околу доминантната сопственост на гасоводот ГА-МА. Спорот траеше со години, или подобро речено со децении, откако почна самата изградба.

Владата ја процени вредноста на инвестицијата на Макпетрол на цели 32 милиони евра и усвои предлог-закон за решавање на спорот по пат на меѓусебна спогодба. Дали средствата се веќе исплатени или допрва ќе бидат исплатени и не е толку важно. Важно е што во „пакетот“ влегува и уредувачката политика на телевизија Телма.