Урсула фон дер Лајен се уште без еврокомесар за проширување

Именуваната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и натаму нема замена за отфрлените еврокомесари за проширување и транспорт.

– Процесот сега е во рацете на владите на Унгарија и Романија, кои треба да претстават нови кандидати по отфрлените комесари за проширување и транспорт, изјави портпаролката на Европската комисија на Мина Андреева.

Иако унгарската Влада по отфрлањето на кандидатурата на Ласло Трочањи го предложи Оливер Вархели за нов кандидат за комесар, одлуката за неговата кандидатура се уште не е потврдена од страна на идната претседателка на Комисијата.

– Постојат фактори кои мора да се исполнат и кои не се однесуваат само на европските способности и независност во работата на кандидатите за комесари, туку и на квалификациите и стручноста за соодветниот ресор кој би го презеле, истакна Андреева.