Уругвај и Венецуела ги предупредија своите граѓани да не патуваат во САД

Уругвај и Венецуела ги предупредија своите граѓани да не патуваат во САД поради насилствата од омраза и масовните убиства во Тексас и во Охајо, каде минатиот викенд загинаа најмалку 31 лице.

Министерството за надворешни работи на Уругвај ги повика своите граѓани кои патуваат во Соединетите американски држави да бидат „претпазливи поради дискриминаторското насилство што е во пораст во САД, особено за злосторствата од омраза мотивирани од расизам и дискриминација“.

Беше посочено дека уругвајските граѓани „треба да бидат особено претпазливи во врска со неконтролираното поседување оружје од страна на локалното население и неможноста на властите да спречат напади во густо населените области“.

Градовите Детроит, Балтимор и Албукерк се пособено потенцирани, како едни од 20-те најопасни градови во светот во 2019 година.

И венецуелското Министерството за надворешни работи ги советуваше своите граѓани да го одложат патувањето во САД по трагичните настани од минатиот викенд.

„Зголемувањето на насилството најде плодна база во разговорите и акциите што поттикнуваат расна дискриминација и омраза кон мигрантското население, зад што стои расистичката елита во Вашингтон“, се вели во соопштението.

Министерството, исто така, посочува дека „неконтролираното поседување оружје поддржано од владата на САД не може да биде оправдано“.

Американските власти издадоа предупредување од четврт степен за Венецуела оваа година – Не патувајте! – наведувајќи како причини високо ниво на криминал, граѓански немири и незаконско притворање на американски граѓани.

Според анкетата на Галуп, Венецуела е прогласена за најопасна земја во светот веќе две години по ред.

САД издаде и предупредување од втор степен за Уругвај: Бидете крајно претпазливи!

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.