Уште 14 Авганистанци пристигнаа во Македонија

На Меѓународниот аеродром Скопје во петокот попладнето пристигнаа уште 14 граѓани на Авганистан, вработени во Обединетите нации и членови на нивните семејства.

Како што појасни владината прес-служба, станува збор за „продемократско население кое е во опасност од талибанските власти#, а за кои Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава.

„Со ова земјава ја продолжува активната улога во меѓународната операција за помош на граѓаните на Авганистан“, велат од Владата.

„По слетувањето беше спроведена стандардната процедура со безбедносна проверка и заштита и PCR тест. Овие цивили ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од Обединетите нации“, се наведува во соопштението.

Во земјава во моментов престојуваат 568 граѓани на Авганистан за кои институциите се ангажирани со сета поддршка и помош. Од Македонија до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.