Уште денес ќе се аплицира во УЈП за исплата на плати за октомври, ноември и декември

Барањата за државна помош за исплата на плати за октомври, ноември и декември може да се поднесуваат само уште денес, откако Уравата за јавни приходи во вторникот  одлучи да го продолжи рокот за поднесувањето до 12 ноември.

Пролонгирањето е поради доцната објава во Службен весник на сите правилници за обрасците за пресметка на платата и субвенцијата. Инаку барањата вообичаено се поднесуваат до 10 во месецот за претходниот месец

„Поради подоцнежна објава во Службен весник на Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците и Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства на физички лица кои вршат самостојна дејност, кои се основ за достапност и поставување на обрасците БФП-ИП/2 и БФС-СВД/2 на веб платформата на УЈП, како и поради масовно поднесување на истите веднаш по поставувањето што придонесе до преоптоварување на системот, рокот за нивното поднесување се продолжува до 12 ноември 2020 година“, стои во известувањето на Управата.

Државната помош за исплата на плати е мерка од четвртиот пакет кој го донесе Владат, а барањата се поднесуваат електронски преку системот Е-ПДД, за секој месец посебно. Условот е приходите за секој месец да се намалени за најмалку 30 отсто во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во периодот од месец април 2019 година заклучно со месец септември 2019 година, октомври 2019 година или ноември 2019 година. Исто така и бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка од овој закон да е ист или поголем со бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година, со исклучок на одјавените работници со оправдан основ на престанок на работен однос, како  и работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност.

Доколку работникот за месец јуни, јули, август или септември 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, ако користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување во тој случај не може да се користи финансиска помош.

Законските измените беа усвоени на 22 октомври, а потоа изгласани во Собранието со проценка дека финансиските импликации би чинеле 70 милиони евра. Работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка од 14.500 до 21.776 денари по вработен., во зависност од тоа колку се паднати приходите на претпријатието.