Уште двајца пациенти добија бубрег од починат донор

На Универзитетската клиника за урологија пред два дена на двајца браќа на возраст од 27 и 29 години од Скопје успешно им е трансплантиран по еден бубрег од починат донор. Пациентите се во одлична здравствена состојба и се очекува наредните денови да бидат пуштени дома.  Со овие трансплантации,  од почетокот на годинава, досега, шест пациенти  добија по еден бубрег од тројца кадавери (починати донори).

Националниот координатор за трансплантација Аспазија Софијанова денеска на прес-конференција на Клиниката за урологија рече дека кадаверичната трансплантација почна да станува рутина во државата.

– Пред два дена имавме повторно уште една извонредно успешна трансплантација која беше направена на млади браќа на возраст од 27 и 29 години кои чекаа орган и со кој сега квалитетот на животот им е засекогаш подобрен знаејќи дека претходно биле на дијализа. Делот за кадаверична трансплантација го зголемивме на такво ниво со кое можеме да се гордееме, истакна Софијанова.

Посочи дека регулативите биле испочитувани, а правниот дел е рутина.

– Се додека сето тоа оди во рамки на правните регулативи ние сме подготвени навистина да одиме во чекор со останатите земји кои тоа го прават рутински секојдневно. Независно колку и да се тие судбини од кои ги земаме органите такви какви што се, сепак спасуваме два други живота. Верувам дека во иднина не само бубрезите, привилегија ќе биде и за црниот дроб, белите дробови, срцето и за се што е веќе во акцискиот план ставено за трансплантацијата за годинава и таа заживува, потенцира Софијанова.

Се заблагодари на семејството кое, иако во многу тешка состојба, се согласило бубрезите на нивниот близок, кој по сообраќајка бил во мозочна смрт, да бидат донирани.

– Имав можеби еден од потешките денови во мојот живот кога буквално целото семејство беше тука и во разговор со нив успеавме да најдеме начин и да се разбереме дека преку бубрезите на починатиот продолжуваат да живеат други двајца во многу поквалитетен начин на живот. Начинот на кој психолошки треба да се пријде и да се изберат вистинските зборови е многу важен. Секој погрешен збор носи погрешна одлука и размислување и комплетна промена во најтешкиот миг за едно семејство, рече Софијанова.

Директорот на Клиниката за урологија, Михаил Пенев рече дека траснплантациите се случиле во летен период кога половина од лекарите во таа здравствена установа се на одмор.

– Уролошката клиника има две екипи во моментот кои може да извршат трансплантација на бубрези. Откако беше соопштено дека има кандидати за кадаверична трансплантација јас ги ангажирав колегите, двајца колеги ги повикавме од одмор, се вратија и експлантацијата почна во 15 часот, а во 24 часот се заврши втората трансплантација. Уште за време на операцијата почнаа да мократ бубрезите. Пациентите се во одлична здравствена состојба. Тоа се млади луѓе и за некој ден ќе ги пуштиме дома, посочи Пенев.

Се заблагодари на Министерството за здравство кое одобри средства и на Фондот за здравствено осигурување. Тој додаде дека голема заслуга е на Владата што постави национален координатор на трансплантација.

Директорот на Клиниката за нефрологија, Александар Шиколе рече дека мултидисциплинарниот тим за трансплантација во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и овој пат функционирал многу ефикасно и во него нефролошкиот дел бил успешно извршен во селекција на адекватни кандидати кои ќе ги примат двата бубрега од починатиот донор.

Сигурен сум, посочи, дека и во иднина ќе бидеме сведоци на уште многу вакви успешни кадаверични трансплантации.

– Едниот од браќата беше повеќе од пет години на дијализа, а другиот нешто повеќе од две години. Така се погоди нивното ткивно совпаѓање со донорот да е најблиско, најсродно и тие излегоа први на листата на чекање за кадаверична трансплантација, која е одговорност на Клиниката за нефрологија која ја одржува и апдејтираа периодично на неколку месеци, истакна Шиколе.

Нагласи дека крвната група и ХЛ совпаѓањето се двете први работи кои се битни и потоа од нив се издвојуваат неколку кандидати за трансплантација, добро е да бидат четири. Кога ќе бидат повикани на преглед, посочи тој, се утврдува кој е физички најподготвен да го прими бубрегот и трансплантацијата да заврши успешно и да не се случи нешто поради болест на некој друг орган во организмот што може да ја загрози трансплантацијата.

– Откако ќе се направи ХЛ типизација на донорот веднаш се гледа листата и кандидатите кои се најсоодветни веднаш се повикуваат на Клиниката за преглед и се почнува со процедурата. Се подготвува уролошкиот и нефролошкиот тим тоа оди синхронизирано и паралелно со цел да се потроши најмалку време за да се пристапи кон трансплантација, појасни Шиколе.

Потенцира дека пациентите кои се трансплантирани со кадаверичен бубрег доживотно имаат потреба од имуносупресивна терапија која спречува организмот да го отфрли бубрегот и тие постојано треба да доаѓаат на Клиниката за нефрологија на преглед.

– На листата на чекање за трансплантација се 250 пациенти, до крајот на годинава очекуваме тој број да изнесува 400 и понатаму да се зголеми. Во текот на идната година верувам дека на листата ќе имаме половина од вкупниот број пациенти кои се на дијализа во Македонија, значи повеќе од 600. Во Македонија вкупно 1.300 пациенти се лекуваат со хронична хемодијализа. Годишно има 170 новозаболени пациенти, додаде Шиколе.

МИА