Уште еден „невидлив“ падна

Се урна авион Ф-35А „Лајтнинг 2“ при слетување во воздухопловната база Еглин, Флорида, во САД. За среќа, пилотот бил во можност да исфрли и е безбеден. Инцидентот се случил околу 21:30 часот по локално време и Ф-35А извршувал рутинска ноќна обука.

Инаку за една седмица ова е втора несреќа на авион чија матична база е Еглин, Флорида. На 15-ти мај ловец од типот Ф-22 „Раптор“ се урна набргу по полетувањето. За среќа и во овој како и во тој инцидент, пилотите се катапултираа навремено и нема човечки жртви. Ова е трета несреќа на воздухоплов од типот Ф-35, кој е од 2018-та воведен во вооружување на воздухопловството на САД, додека кај авионите од типот Ф-22 е вкупно 9-та официјална несреќа откога овој тип е воведен во вооружувањето на САД во 2006-тата година.

Двата типови на ловци се сметаат за врвни воздухоплови за воздушна превласт и поддршка со примена на т.н. „стелт технологија“, односно мала радарска видливост, но истите ги следи постојан бран на „несреќи“ и приземјувања, од појави на хипоксија на пилотите, па до дефекти со целосни и делумни нефункционалности на авионика и уреди сл.

Цената на еден Ф-35А изнесува околу 80 милиони долари, но според проценките неговите трошоци за еден час лет, изнесуваат фантастични 44.000 долари, додека за споредба неговиот претходник, ловецот Ф-16 оваа сума изнесува од 12.000 до 20.000 долари.

Воздухгопловната база Еглин е „дом“ на голем број авиони. Станува збор за главна база за обука за Ф-35, а неодамна и авиони Ф-22. Во базата вклучително се врши и развој на оружјето за тактиката на воздухопловните сили со новите типови на борбени авиони и поддршка на другите мисии на воздухопловството на САД.