Уште еден римејк на Црвенковски

Сите со возбуда го очекуваме конгресот на СДСМ, ама возбуда нема. Зошто? Па, зашто се работи за уште еден римејк, кој на неупатената публика ѝ се продава како нов, оригинален, свеж производ.

Најновата верзија на старото сценарио чиј автор е Б.Ц. е снимена уште во времето кога папата на кормилото на партијата ги постави двојката Заев – Шеќеринска. Двајца амбициозни лузери, плус еден наапан политички бездарник-апаратчик како Пендаровски. Сите заедно докажано погодни за еднократна употреба. Триумвират на чувари на лидерското столче, партискиот престол! Начин на управување што е преземен од југословенскиот модел на колективно претседателство по крајот на Тито, верзија на управување со триумвирати на преминот на Рим од република во царство.

Најстарата или оригиналната македонска верзија на овој филм ја одгледавме во времето кога истиот режисер-сценарист, преку партиски пуч, го обезвласти Петар Гошев и набрзина, во чудесна демократска процедура, го презеде партиското кормило на СКМ-ПДП, односно СДСМ. Во ова сценарио има една константа – вечност, односно неменливост на лидерот. На оние што често се зафркаваат на сметка на партиското идолопоклонство кај членството на ВМРО-ДПМНЕ топло им препорачувам да ѕирнат за миг во својата фанатична љубов кон сопствениот пастир или папа, кој ги ѕипа веќе дваесет години на иста финта. Да се разбереме, Бранко Црвенковски не се враќа на македонската политичка сцена. Не се враќа ни на чело на СДСМ. Тој тие две сцени никогаш ги нема напуштено ниту има таква намера. Само, како и сите егоцентрици, парадери и егзибиционисти, тој сака аплауз, колективен восклик, екстаза на фанатизирани верници. Се повлече времено во мигот кога такви манифестации почнаа да слабеат, односно кога спласнаа трансот кај членството и интересот на центрите на моќ за неговите услуги.

Си реши за свои наследници, демек, да постави кадри од таков профил што сосема сигурно за кратко време ќе постигнат такви резултати што ќе го трансформираат „тивкиот копнеж“ во еруптивна страст по неговото лидерство. Врати се Бранко, само ти можеш да нѐ водиш во светла иднина, во победа, веќе им е испишано на челата на неговите обожаватели. Тој, пак, си игра топло-студено со нив, кобајаги нема никаква намера, кобајаги се фемка дали да се врати. Со други зборови глуми им го крева адреналинот. Фактички си ја подига цената кај странскиот фактор. Спасителот на СДСМ се враќа и овој пат да одигра спасител на државата и нацијата. Брзо по конгресот ќе видите како секој политичар што доаѓа во Македонија како загрижен добронамерник ќе оди на визита кај Црвенковски. Тоа е наративот. Ама тоа никогаш не биле и нема да бидат последиците. Оти тие се покажаа како фатални и за СДСМ и за Македонија. Поради оваа перманентна игра, СДСМ губи на секои избори, а Македонија кризира.

Единствено што треба да биде предмет на длабоки анализи во овој римејк е зошто Црвенковски токму во овој момент јавно се активира? Како што е познато, тајмингот во политиката е круцијална компонента. Настаните во Европа се далекосежни. Македонија е дел од Европа и политички партиципиент во глобалната игра. Во Македонија имаше избори, чии недвосмислени изборни резултати не им се допаѓаат на одредени центри на моќ. Поинаку кажано, не им се вклопуваат во интересите зашто го намалуваат маневарскиот простор за несметано дејствување на овој географски граничен простор. За да се неутрализира најновата манифестација на изборната волја на мнозинството преку победата на ВМРО-ДПМНЕ требаше да се смисли политичка и институционална криза. Албанските партии повеќепати ја одиграа таа улога во последните осум години. Но сега, во светло на настаните со Украина, по осветлувањето на проектот Косово по блицкриг-операцијата на враќање на Крим во составот на Русија, на САД не им паѓа на памет дестабилизирање на Македонија да изведат повторно со своите УЧК-активисти. Ќе стане ептен ачик и искористено од нивниот главен непријател до коска. По бламажите во Сирија, Либија и во Украина, нов резил многу ќе му дојде дури и на еден миротворец со нобел-тапија каков што е Обама, а тешко дека ќе го преживее и онака обеснажената и компромитирана ЕУ.

Е, затоа се избрани и моментот и актерот за изведба на резервниот план „Б“, кој веќе беше успешно тестиран преку фингиран повод за голема криза во предвечерието на фингираната војна во 2001 година. Беше тоа аферата „Големото уво“, на која спонтано се налепи безбедносниот инцидент во Танушевци.

Да не должам, Б.Ц. во своето интервју за Дојче веле јасно кажува која му е намерата. Го поддржува непризнавањето на изборната волја. Значи, сака политичка криза. Во време кога новата неконституирана власт е притисната да носи одлуки од историски карактер. Од една страна, условен прием во НАТО, ама со решен проблем со Грција. Од друга страна, ЕУ, која уценува со извештајот за напредок на Македонија и одземање на кандидатскиот статус како политичка референца за владејачката гарнитура. Затоа и двата центри на моќ одбиваат да бидат јасни и резолутни во оцената на феноменот некоја политичка партија да одбие да испочитува волја на граѓаните и држава со закони и институции. Гледате нели, никој не го осудува жестоко и недвосмислено однесувањето на водството на СДСМ. Никој не му влече уши. Дури државната агенција Дојче веле му дава простор на Црвенковски да „забие“ дека оваа одлука ја поддржува. Очигледно е дека на обете инстанци им треба внатрешен притискач со тежина. Заев и Шеќеринска никој не би ги земал за сериозно. Ама Црвенковски е докажан како таков, плус нели него мува не го лази, односно, како што вели, око не му трепнува, да ја убива Македонија на рати и колку што треба и пак да се самопрогласува за спасител и државотворен.

Да потсетам јас пак, не е на одмет. На вонредниот партиски конгрес на СДСМ по поразот од ВМРО-ДПМНЕ плус ДА на Тупурковски (чистокрвна американска политичка креација за привремена употреба) трик-мајсторот Црвенковски ги смува делегатите со познатата „мисла“: „Што ќе ми е партијата ако ја изгубиме државата“.

Нормално, ова за губењето на државата треба да се дешифрира во контекст на неговото поимање на тоа што е држава. За Бранко држава е негова ексклузивна прчија добиена во трајно наследство, ама ребрендирана во чисто негов производ. Како што тој произведува или раѓа партиски деца, прави луѓе од трупци, така и создава држави. Според тоа, тој им порача на своите делегати дека неговата партија не смее да дозволи некој друг да добие можност да управува со неговата прчија.

Неговото активирање во големата политика, во пресрет на новиот конгрес на СДСМ, значи само ова: главната улога на дестабилизатор на Македонија до самитот на НАТО во септември ќе ја преземе СДСМ со Црвенковски. Ахмети е само резерва, иако ДУИ се занесува дека овој пат триумфирала. Избори ќе има, сеедно дали парцијални или целосни. СДСМ со ултиматуми, закани и валкани игри ќе притиска за коалиција за национален спас под притисок за влез во НАТО со референцата и обврска Македонија во кратко и дефинирано време (во цајтнот) да прифати решение, кое ќе ѝ биде наметнато од САД и од Грција (како Привремената спогодба и рамковниот договор). Само во таква варијанта, референдумот за името ќе биде бајпасиран, ќе загуби секаква смисла, односно ќе биде чиста формалност, мамка за наивен народ. Ако ВМРО-ДПМНЕ влезе во таква игра, односно замка, ќе му овозможи на Црвенковски победнички триумф на изборите, ист како оној во 2002 година. Ќе му одработи фингиран ореол на спасител на нацијата, која фактички веќе ќе биде убиена, а притоа целата историска одговорност за трајна промена на името и неизвесната судбина потоа и на народот и на државата ќе ги носи како политички товар ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ и онака не е никаков субјект, освен во фантазијата на неговите членови, оти фактички тие се третирани како „стока“, што се покажа и со непризнавањето на изборната волја. Тој е само рамка за дејство на еден невиден егоцентрик со патолошка потреба за моќ и утврдена употребна вредност во валкани игри.

Пишува: Мирка Велиновска за Нова Македонија

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.