Усогласени повеќе одредби со ССМ и КСС за предлог-административните закони

Министерството за информатичко општество и администрација денеска оствари нова работна средба со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КССМ).

Како што соопшти министерот Иво Ивановски, постигната е согласност да се даде можност определени одредби од предлог-законите да се допрецизираат и доуредат со колективните договори. Дополнително, во делот на оценувањето на административните службеници, заради поголема транспарентност на постапката, се формира комисија која го спроведува оценувањето, и во која учествува и административен службеник, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати.

Исто така, договорено е, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати, да учествува и во комисиите кои ги спроведуваат дисциплински постапки за дисциплински престап.

„Усвоен е и предлогот на синдикатите да се намали учеството на оценката на претпоставениот во вкупната оценка од 75 на 65 отсто, и на тој начин да се зголеми учеството на колегите, соработниците, односно странките на административниот службеник, со што би се намалила субјективноста во оценувањето”, рече министерот Ивановски.

Тој напомена дека е постигнат и договор за начинот на кој ќе се врши наградувањето на административните службеници кои особено се истакнале во својата работа, кои ќе добијат бонус во висина „на последно исплатената плата”, со што се надминува можноста од субјективност при определувањето на висината на наградата, затоа што основното решение предвидуваше бонус во висина „до една плата”.

„Исто така, дополнителни отстапки се направени во поглед на износот и времетраењето на намалувањето на плата за слаб учинок. Имено, процентуалното зафаќање во платата, за службениците кои делумно задоволуваат, од 30 отсто се намалува на 20 отсто, односно за останатите најниско оценети службеници, од 20 на 10 отсто. Истовремено, времетраењето на периодот во кој се намалува платата, од една година, се скратува на шест месеци“, потенцира Ивановски.

В.д. претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Виолетка Спасевска, изрази посебно задоволство од прифаќањето на нивниот предлог за вклучување на синдикален претставник во комисијата за спроведување на постапката за оценување на службениците. Исто така, таа истакна дека и сите останати предлози кои беа прифатени во текот на социјалниот дијалог помеѓу предлагачот на законите и претставниците на синдикатите, се од особена важност и ќе придонесат за зајакнување на правата од работен однос на вработените чии статус е регулиран со овие закони. Покрај наведеното, беше истакнато дека социјалниот дијалог овозможи да се разбере основната причина за предлагањето на новите закони, односно подигањето на квалитетот и ефикасноста на администрацијата.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски, потврди дека нивните предлози и забелешки се прифатени во најголем дел по однос на двата предлог-закона.

„Со прифаќањето на предлогот синдикален претставник да учествува во постапката за оценување на работата на административните службеници, како и со учеството на синдикатот во дисциплинската постапка, веќе можеме да зборуваме за транспарентен процес кој ќе ги анулира субјективните моменти“, додаде Митревски.