Усогласени пресметките за пензиите: Од следниот месец зголемување за околу 600 денари

3404

Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и пензионерите направија усогласување на пресметките, па така од следниот месец ќе бидат исплатени околу 600 денари на сите пензионери.

„Македонија е единствена земја во регионот и во Европа, која успева во вакви тешки времиња, кога во Европа се’ уште се чувствуваат последиците од кризата не само да ги заштитиме пензионерите да не се зголеми старосната граница и редовно да се исплаќаат пензииите, туку и да извршиме зголемување на пензиите за износ кој што е значителен, ако се има во предвид колкави се финансиските можности на државата“, рече денеска Ставрески по средбата со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Беким Незири, и Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите,, Драги Аргировски.

Во следните десет месеци, како што нагласи тој, ќе бидат исплаќани на пензионерите овие зголемени пензии и тоа ќе влезе во основицата за пресметка за следната година.

„Ликвидноста на буџетот е добра дека и понатаму ќе продолжиме со редовна исплата на пензиите и зголемените социјални надоместоци како и исплатата на субвенциите и сите други обврски на буџетот“, појасни Ставрески.

За разлика од другите земји во регионот и Европа, потенцираше министерот Спасов, во Македонија се бележи зголемување на пензиите како и останување на истата старосна граница за заминување во пензија.

„Просечната пензија во 2006-та година изнесувала 7.683 денари, додека таа во март оваа година ќе биде на ниво од 12.445 денари, што е за 62 отсто зголемување. Најниската пензија во 2006-та година била 4.330 денари додека во март годинава таа ќе биде 7.620 денари што 76 отсто зголемување. Највисоката пензија во 2006-та година изнесувала 27.606 денари, додека највисоката пензија во март оваа година ќе биде 36.007 денари што е зголемување од 30,43 отсто“, рече Спасов.

Според директорот на ПИОМ, ова зголемување на пензиите нема да предизвика проблеми во буџетот на Фондот, бидејќи тие средства се обезбедени и нема да има никакви импликации за тоа.

За пензионерите ова зголемување, како што нагласи нивниот претставник Аргировски, ќе значи подигнување на животниот стандард на пензионерите во земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.