Успех во лекувањето на ковид пациенти: Инфективниот оддел на „Аџибадем Систина“ досега третираше 2.265 пациенти

104

Во изминатиот исклучително критичен период на пандемијата со коронавирус, кога целокупниот здравствен систем се соочуваше со огромен наплив на пациенти и намалени капацитети на сместување, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ даде значителен придонес во справувањето со коронавирусот и спаси стотици животи. Во последните 5 месеци во инфективниот интензивен болнички оддел хоспитализирани се 337 пациенти, реализирани се 1.489 амбулантски прегледи, а 439 пациенти биле третирани во дневната болница.

Со оглед на фактот дека 70 отсто од хоспитализираните пациенти беа висококритични, со напредната фаза на болеста, со ниска кислородна сатурација под 80% и други придружни заболувања, резултатите од нивниот третман сведочат за исклучително успешен пристап во третманот на ковид-пациенти, со стапка на смртност од 15% и просечен број на денови за хоспитализација од 10 дена. Сите 337 хоспитални пациенти бea на кислородна поддршка, со просечна возраст од 60 години, а просечната возраст на починатите пациенти е 65 години. Важно е да се напомене дека од вкупниот број (53) починати пациенти, 28 биле оздравени од ковид-болеста, а починале од респираторна слабост или кардиоваскуларни компликации.

„Она што би сакале да го истакнеме е и ниската стапка на смртност од 25% кај пациентите коишто беа третирани со асистирана механичка вентилација – инвазивна и неинвазивна (респиратор). Досега на одделот на респиратор беа поставени 92 пациенти, од кои кај 70 пациенти е успешно завршен третманот. Од осум пациенти кои беа приклучени на ЕКМО-машина го спасивме животот на 5 пациенти кај кои шансата за преживување беше минимална“, вели д-р Жарко Христовски, медицински директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Најсовремен пристап во лекувањето

Инфективниот интензивен болнички оддел на „Аџибадем Систина“ е единствениот приватен инфективен оддел во земјава со најголем капацитет во кој се применуваат најсовремените протоколи за третман на ковид-пациенти на Светската здравствена организација, Здравствената групација „Аџибадем“ и втората најголема групација на болници во светот (IHH). Болницата е пионер и во набавувањето на најсовремена терапија за пациентите, меѓу кои се и лековите Tocilizumab, Remdesivir, Favipiravir и Ivermectin, имуноглобулини, како и антибиотска терапија (согласно микробиолошките наоди), витаминска терапија, хепатопротективна терапија…

Одделот располага со капацитет од 51 кревет со систем за кислородна поддршка од кои 2 ЕКМО-места, 38 респираторни места, 1 хемодијализно место и 2 места за ултрадијафилтрација. Дневната болница располага со 4 кревети.

 Мултидисциплинарен тим на специјалисти во грижата за ковид-пациентите

Во третманот на ковид-пациентите во „Аџибадем Систина“ вклучен е тим од 26 специјалисти од различни области и 72 останат медицински персонал. Мултидисциплинарниот тим лекари е составен од 3 инфектолози, 7 интензивни анестезиолози, како и пулмолози, кардиолози, нефролог, трансфузиолог, нутриционист други специјалисти кои се вклучуваат во третманот зависно од состојбата на пациентот.

„Ваквиот пристап е клучната причина за успешниот третман на пациентите бидејќи веќе е јасно дека Ковид-19 не е само респираторна болест. Најважен дел од третманот е и правилната одлука за навремено поставување на инвазивна и неинвазивна респираторна поддршка и одржување на пациентот, а ние располагаме со врвен тим на интензивни анестезиолози кои се обучени за следење на ваков тип пациенти кои се витално загрозени“, вели д-р Христовски.

Во инфективниот оддел на „Аџибадем Систина“ префрлени се 286 пациенти од ковид-центрите во земјава и Косово

Со комплетно опремени три амбулантни возила и мобилна екипа, изминативе 5 месеци „Аџибадем Систина“ прими 286 пациенти кои беа префрлени од останатите ковид-центри во земјава и Косово и уште 34 пациенти кои со наш транспорт директно беа примени на инфективниот оддел. За да се одговори на овој значаен број трансфери, болницата соработуваше и со амбулантниот транспортен сервис на „Неуромедика“.

Во лабораторијата на „Аџибадем Систина“ изведени 55.660 тестирања за Ковид

Почнувајќи од април 2020 година лабораторијата на „Аџибадем Систина“ има изведено вкупно 55.660 тестирања за Ковид. Од вкупниот број тестови, изведени се 40.812 PCR-молекуларни тестови чиишто резултати покажале присуство на коронавирусот кај 7841 пациент, односно 24%. Останатиот број направени тестови – 14.182 се однесуваат на брзите антиген тестови и серолошките  IgG/IgM за детекција на антитела. Со цел да одговориме на зголемените потребите од тестирања, лабораториите ги зголемија своите капацитети, а во нив работат тимови од искусни молекуларни биолози, биолози, микробилог, биохемичари и повеќе од 30 лабораториски техничари.

Инфективниот оддел работи со полн капацитет и е подготвен и понатаму да одговори на барањата на ковид-пациентите. Досега не е вратен ниту еден пациент без разлика на тежината на болеста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.