Успешна година за Македонија, растот заокружен на околу три отсто

За Македонија оваа година е успешна на економски план бидејќи се очекува растот на бруто домашниот производ да биде околу три отсто, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески на денешниот ФИНЕКСПО.

„Во првата половина имавме раст од 3,4  отсто, а според досегашните податоци се очекува растот во третиот квартал да биде три отсто“, рече Ставрески.

Тој нагласи дека е остварен максимумо бидејќи мора да се имаат во предвид случувањата во Европа, потенцирајќи дека главните носители на раст се капиталните инвестици и извозот.

Ставрески најави формирање на работна група која ќе ги детектира компаниите кои што имаат потенцијал за да им биде проширен технолошкиот капацитет.

„Ќе се детектираат 20-30 домашни компании кои имаат потенцијал и со дополнителни вложувања и обука на вработените да го подигнеме технолошкиот капацитет и да можат да бидат добавувачи на странските компании“, рече Ставрески, додавајќи дека на тој начин ќе се постигне правиот ефект од привлекување на странски инвестиции во Македонија.