Македонскиот ракометен репрезентативец и играч на Веспрем Дејан Манасков се огласи на социјалните мрежи по операцијата која му беше извршена откако се здоби со повреда.
„Операцијата помина добро, се чувствувам одлично. Ви благодарам за сите ваши пораки во изминатите две недели. Забавниот дел може да почне. Се гледаме наскоро, ве сакам сите“, порача Манасков.
За повредата на Манасков на почекот од месецов информираа од Веспрем.
„За жал, лекарските прегледи го потврдија она од што сите се плашевме. Настрадаа предните вкрстени лигаменти, плус страничните вкрстени лигаменти и ‘рскавицата. Нашиот играч ќе мора на операција, долга пауза. Датумот и местото на постапката сè уште не се познати, така што не можеме да дадеме информации за детали за враќањето на нашиот ракометар. Дејан Манасков е стандарден член на нашиот тим од 2017 година. Постигна 27 гола на десет натпревари оваа сезона. Ние сме со тебе Деки и со нетрпение очекуваме да се вратиш што е можно поскоро!“, стои во објавата на унгарскиот клуб.