Успешно почна да работи Државната кардиохирургија

Министерот за здравство, Никола Тодоров денес објави дека се направени првите кардиохируршки интервенциии во јавното здравство на Република Македонија, поточно во новоформираната УК за државна кардиохирургија, што претставува голем успех за македонското здравство, како врв на хирургијата и воопшто на медицината.

Формирањето Државна кардиохирургија беше предизвик во изминатите 40-тина години и ова е огромен чекор напред во достигнување на едно повисоко ниво на работа и конкретна реализација на овој проект, кој е од интерес за граѓаните на Република Македонија.

„Интервенциите се извршени во хируршката сала на Клиниката за детска хирургија, а пост оперативниот третман продолжи во просториите на клиниката за анестезија , реанимација и интензивно лекување. Првиот пациент е на возраст од 63 години, со вградени ендо протези на двата колка и извршена операција на артериовенска малформација на мозокот кај кој при рутински преглед е откриено сигнификантно стеснување на аортната валвула. Опериран е и вградена му е валвула. Вториот пациент е на возраст од 61 година, примен на Клиниката во потешка општа состојба со повеќе коморбидитети (хронична опструктивна болест, дијабет) и вградени му се три коронарни артериски бајпаса. Оперативниот и постоперативниот тек на пациентите се сосема уредни, без компликации,“ истакна министерот.

Интервенциите се изведени од тимот предводен од реномираните италијански кардиохирурзи Роберто Чини и Антонино Маруло, заедно со македонските доктори во соработка со искусни српски и босански колеги.

„Двајцата пациенти ги опериравме изминатите денови. Првиот имаше вродена маана на аортната валвула, која беше стеснета и со многу промени. Му вградивме механичка валвула, а другата беше прочистена. По операцијата и затворањето на аортата, се направи нова операција со специјална протеза на проширувањето на овој најголем крвен сад, па овој пациент во иднина нема да има потреба од никаква друга операција од ваков вид,“ истакна д-рРоберто Чини.

Чини е реномиран кардиохирург со искуство во повеќе врвни медицински центри во светот.
Италијанските кардиохирурзи освен што се директно вклучени во овој проект, истовремено вршат и едукација на македонските доктори на Државната кардиохирургија, која едукација ќе се однесува на пренесување на нивното искуство, вештини, методи на работа и знаења од областа на кардиохирургијата.

„Вториот пациент беше маж со дифузни промени на коронарните крвни садови, но и други останати болести. Тој беше еден тежок пациент. Му направивме троен бајпас, каде главната артерија на срцето е бајпасирана со артерија која се премостува и нормално тече на задната страна од градната коска. Останатите две артерии се премостени со вена извадена од ногата. Задоволни сме од резултатот, срцето си ја врати функцијата без помош на никакви лекови. Пациентот ќе има голем бенефит од операцијата, а срцевата функција во иднина уште повеќе ќе му се подобрува.Нашата цел е да создадеме добар тим и да го пренесеме нашето знаење и искуство. Целта е да создадеме тим кој ќе цели кон совршенство, во корист на пациентите во јавното здравство. Морам да им се заблагодарам на сите вклучени во овој проект. Ние сакаме да работиме по модерни стандарди и со најнова технологија и инструменти, од што најголема корист ќе имаат пациентите,“ рече Антонино Маруло.

Маруло е доктор и професор на Универзитетската болница Ла Сапиенца од Италија, која е една од најпрестижните болници во Италија.

На новинарско прашање министерот Тодоров информираше дека во меѓувреме се почнати подготвителните работи за адаптација на просторот на клиникатата за Кардиологија каде во иднина ќе биде сместена универзитетската клиниката за државна кардиохирургија. Рокот на завршување на градежните работи е 2 месеца од потпишување на договорот. Станува збор за простор од 600 метри квадратни, кој се состои од приемен дел, амбулантен дел, стационар, оперативен блок, и секако оддел за интензивна нега.

Исто така, со цел обезбедување најсовремена опрема за новата клиника, во завршна фаза е тендерот за набавка на нова опрема (монитори, дефибрилатори, оперативни столови, фибербронхоскоп и друга современа апаратура за соба за опоравување и за интензивна нега). Вкупна вредност на двете набавки изнесува приближно 2,5 милиони евра.