Уставен да бдее над владините одлуки во текот на вонредната состојба

Од синоќа откако претседателот на државата, Стево Пендаровски прогласи вонредна состјба Владата доби зголеми овластувања и во нејзини раце сега е извршната, но и законодавната власт.

Владата сега може да носи уредби кои што имаат законска сила. Ќе може да менува, поништува и дополнува веќе постоечки закони. И во оваа ситуација системот на контрола над работата на извршната власт е сведен на минимум.

Правните експерти токму затоа апелираат дека додека трае вонредната состојба Уставниот суд мора сериозно да ја надгледува работата на Владата и да ја контролира нивната усогласеност со Уставот.

„Уставниот суд мора да ја следи работата на Владата во ова време и да ја оценува уставноста на уредбите со законска сила. Кога нема Собрание, ниту претседателот на Републиката може да делува како контролор на работата на владата, единствен орган на контрола е Уставниот суд“, вели професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска во пост на Фејсбук.

Таа додава дека е особено загрижена како Владата ќе се однесува и какви одлуки ќе носи за времетраењето на вонредната состојба откако министерката за правда, Рената Дескоска најави дел од првите уредби со законска сила. Дескоска на денешната прес конференција заедно со техничкиот премиер, Оливер Спасовски најави и дека ќе се прават промени во Кривичниот законик со цел да се воведе одредба за казни за шпекулирање со производи.

Како што објасни Дескоска, ваквата одредба би била воведен со цел да се обесхрабат евентуалните злоупотреби од компаниите кои произведуваат основни продукти.