Уставен ќе ги враќа пратениците на работа!?

Уставниот суд, неофицијално, повторно ќе се одлучува за поништување на одлуката за самораспуштање на Собранието. Спроед неофицијални информации, уставните судии би ја разгледувале правната причина на одлуката за распуштање на Собранието.

Во судот, како што објави Алсат, сметаат дека целта поради која што се распушти Собранието не е реализирана и сите рокови за избори се пробиени и со тоа причините поради кои парламентот се самораспушти повеќе не постојат.

Пред десетина дена Уставниот суд одлучи дека нема основа да одлучува по иницијативата за оцена на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието поднесена од Светскиот македонски конгрес.

Но, во Уставен сега сметаат дека ситуацијата е сменета и поради тоа уште еднаш ќе се навратат на ова прашање. Одлука на Уставниот суд би можело да ја поништи одлуката за самораспуштање на Собранието и пратениците да се вратат на работа.

СДСМ минатата недела поднесе иницијатива за свикување на Собранието до претседателот Талат Џафери, но остана без официјален одговор. За Џафери и покрај причините кои ги наведуваат социјалдемократите не постои можност за свикување на пратениците по одлуката за самораспуштање. СДСМ засега не откриваат дали ќе се обидат со други начини да го реализираат барање за враќање на парламентот во функција.

Против повторно свикување на Собранието е и ВМРО ДПМНЕ. Во опозициската партија се децидни дека повторно заседание на пратениците кои со одлуката од 16-ти февруари го вратиле мандатот кај граѓаните ќе биде противуставна постапка.