Уставниот суд дозволи Харадинај двојно да си ја зголеми платата

Уставниот суд на Косово попладнево донесе одлука со која на косовскиот премиер Рамуш Харадинај му се дозволува двојно да си ја зголеми сопствената и платите на членовите на неговиот Кабинет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова значи дека нема ништо спорно во одлуката од декември минатата година, со која Харадинај си ја покачи платата од 1.400 на 2.950 евра, а двојно ги зголеми и платите на министрите, кои до сега беа околу 1.200 до 1.300 евра.

Споменатата владина одлука не можеше да се реализира до сега, поради тоа што опозициски пратеници поднесоа барање до Уставниот суд да ја испита законитоста на зголемувањето на платите на премиерот и министрите, со образложение дека се работи за конфликт на интереси.

Во денешното образложение на Уставниот суд, меѓу другото, се вели дека подносителите на барањето за испитување на законитоста на споменатиот акт, „не доставиле уверливи докази… дека оспоруваната владина одлука произведува уставни ефекти, во смисла на прекршување на уставните надлежности на Собранието“ и дека „не е во надлежност на Уставниот суд да ги оценува тврдењата за несоодветност на одлуката со Законот за спречување на конфликтот на интереси“.

Одлуката на Харадинај од пред шест месеци, која тој ја образложи со тврдењето дека е нереално палатата на премиерот, кој има големи одговорности, да изнесува 1.400 евра, наиде на големи реакции во косовската јавност.