Уставниот суд на Република Македонија слави пола век постоење

Уставното судство во Република Македонија одбележува 50 години од своето постоење. Полувековниот јубилеј од Уставното судство е поздравен со присуството на гости од 23 земји од Европа и светот.

„Чест и задоволство е да се одбележи педесетгодишен јубилеј на институција што е носител и синоним за развојот на демократските процеси и заштитник на највисоките цивилизациски вредности на современиот свет. Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Устав и закон. Ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, слободата на мислата и нејзиното јавно изразување, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност“, изјави претседателката на Уставниот суд на Република Македонија, Елена Гошева.

По повод јубилејот се одржа свечена конференција која беше посветена на современите предизвици на уставното судство. Во работата на конференцијата земаа учество голем број претседатели, потпретседатели и уставни судии од земјава и од странство.

„Целта на Конференцијатабеше преку плодна, стручна дискусија да се отворат битни прашања за можностите и ризиците со кои можеме да се соочиме во нашата област, но истовремено да се обидеме да најдеме решенија кои ќе кореспондираат со денешните потреби, а истовремено ќе гарантираат заштита на основните уставни начела. Во насока на дополнително унапредување на нашата работа и следење на новите трендови и во следниот период ќе ја продолжиме нашата соработка со сите релевантни институции од оваа област, како и со уставните судови на повеќе земји“, дополни Гошева.