Уставниот суд нема да ја оценува одлуката за распуштање на Собранието

Не постојат услови за прифаќање на иницијативата на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието, едногласно одлучија судиите на Уставниот суд на денешниот работен состанок по завршувањето на XII седница на Судот.

– Ова е од причина што во случајот станува збор за пресудена работа што значи дека Судот веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на Собранието во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Притоа, тогаш во расправата беа земени предвид и околностите на кои се укажува со иницијативата– велат од Уставниот суд.