Уставниот суд одлучи да не ја испитува уставноста на втората вонредна состојба

Уставниот суд одлучи да не ја испитува уставноста на втората вонредна состојба која ја прогласи претседателот Стево Пендаровски.

„Уставниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната седница денеска ја известува јавноста дека одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба објавена во ’Службен весник на Република Северна Македонија‘“, соопштија од Уставен.

Втората вонредна состојба ќе трае до 16 мај. Кога претседателот ја донесе посочи дека нема уставна основа да ја продолжи првата, па затоа прогласува нова.

„Затоа јас денеска, врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуација кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата. Но ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање затоа што на средината на мај ќе бидеме повторно во иста ситуација“, рече Пендаровски на 16 април.