Уставниот суд под раководство на Кацарска

Како што истакнав во предходната колумна оваа колумна ќе ја посветам ексклузивно на уставниот политички судија Добрила Кацарска.

Имено, овој  судија по директива од Бихачка (Зоран Заев) политички ги осудува нашите уставобранители од 27 април 2017 година, за класично фингиран монтиран процес „тероризам“. Ваквите политички пресуди во европските судови се пример, како нетреба да се суди и како се носат политички судски одлуки. Така, овој случај се изучува на Правниот факултет на универзитетот во  Колумбија во САД, ама во негативна конотација, за тоа како не треба да се суди. Тука е и ставот на Врховниот суд на Шведска кој смета дека овој предмет е смешен, политички монтиран и дека нема никаква поврзаност со терористички загрозувања на уставниот поредок. Затоа еден од осoмничените, Дејан Давидовски, добил азил во Шведска и одбиено е барањето за негова екстрадиција од македонските власти. Дека, сѐ е политички, доволно говори дека беа амнестирани ликови за политички цели. За промена на уставното име. Taa e eдна од гробарите на македонското правосудство. За нејзината одработена политичка активност, добива политичка награда преку Судскиот совет, со предлогот за уставен судија до Собранието на Македонија, и оттаму по директива на мнозинството (СДССМ-ДУИ) политички е назначена за уставен судија на Македонија. И е избрана за претседател на Уставниот суд.

И со нејзиното поставување за претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска сака да остави впечаток дека прави „големи реформи“ во институцијата. Ангажирала новинар како портпарол, држи прес конференции и се фали. Но, за да осознаете што вистински се случува во судот, драги читатели, доволно е да дојдете во влезот каде што ќе ве пречека тазе поставен детектор. Да, детектор кој никогаш не постоел во Уставниот суд затоа што има човечко обезбедување и затоа што во институцијата нема фрекфенција на надворешни лица. Детекторот има симболика, тоа е матрицата на првиот човек! Така функционира, таква совест носи.

За да ја оживееме меморијата на читателите, сакам уште еднаш, да Ве потсетам дека Добрила Кацарска кога беше судијка во процесот по предметот за случувањата од 27 април, во октомври 2018-та казни со по 1000 евра, 50 адвокати и ги отстрани од судница.  Во 2019 година, Уставниот суд ги поништи тие решенија а денес дотичната е претседателка на судот (https://sdk.mk/index.php/makedonija/ustavniot-sud-nema-pravo-da-ponishtuva-odluki-na-redovnite-sudovi-mu-kazha-dholev-za-ponishtuvaneto-na-kaznite-shto-im-gi-izreche-katsarska-na-advokatite-vo-sudeneto-za-27-april/).

Каков преседан, генерации студенти по право ќе можат да го земаат за пример, како не треба да се постапува во судски процеси. Воедно, сакам јавно да прашам дали е точно дека Добрила Кацарска одлучува кој советник, односно на кој судија, која поднесена иницијатива ќе му се додели да ја води наместо тоа да го прави генералниот секретар како што е според Деловникот за работа на судот?

Колку се сеќавам во јавноста имаше бранување за доделување предмети поврзан со системот АКМИС само што сега никој на реагира. Згора на сѐ, според мои информации, портпаролката новинар, правела годишни прегледи наместо советник кој е стручен за тоа. Ова прашање е само вовед во сталинистичко-послушничкиот модел кој владее во оваа институција. Да се држи под контрола сѐ!

Ако ја заследите веб страницата на Уставниот суд, ќе видите дека во мандатот на Кацарска постојано има огласи за вработување. Што е уште поважно и индикативно, Министерството за финансии постојано и дава согласности и исполнува желби додека многу други институции не можат ни 3 вработувања да остварат во годината. Зошто власта и удоволува на претседателката, не е тешко да претпоставите, заслужна е, послушна е, спроведува максимално прецизно. Бидејќи долго време сум во контакт со Уставниот суд, ги следам како работат знам дека со децении тој броеше околу 20 вработени, а денес има над 40 или за 100% е зголемен бројот на вработувања. Неверојатно и скандалозно, што ќе работаат тие нововработени советници кои сега се на број 17, а би имале само 5 предмети годишно?!

Она што сигурно има право да го знае јавноста е дека кадровите комисии за вработување на СДСМ и ДУИ одлично се координираат во Уставниот суд. Најпрво кога коалиционите партнери ја носат Добрила Кацарска како претседателка на Уставен суд таа со себе ги носи најблиските соработници од Кривичен суд (тоа е удар на квалитетот на работата, кривичарите не се компетентни за уставното право).

Во мандатот на Добрила Кацарска судот станува партиски одбор на СДСМ и ДУИ, еве само 1 пример:

Тодор Костадиновски, советник на СДСМ од општина Кисела Вода во два мандата по препорака на кадровата комисија на партијата, Кацарска го вработува. Овие податоци може да ги најдете на веб страницата на општина Кисела Вода и Уставниот суд. Користам пак прилика да ја прашам „бранителката“ на  уставното право дали така го браните правото, кога вработувате политички активист во Уставен суд каде што треба да има непристрасност? Како советник во судот е вработена и Сузана Фетаи, ќерка на амбасадорот проф.д-р Милам Фетаи во Хрватска, инаку кадар на ДУИ.

Еден куриозитет драги читатели во делот на вработувањата е тоа што поранешната претседателка на Уставниот суд, Елена Гошева гласа за изборот на Добрила Кацарска за претседателка. А од скоро, нејзината роднина Љубица Гаџовска добила унапредување….

Само да ги потсетам моите читатели дека Шведска од 1 јануари 2023 година за наредните шест месеци го презеде претседателството со Советот на Европската Унија од Чешка (кој им е познат случајот со Дејан Давидовски, кој доби азил во Шведска). Во програмата на своето претседателство, шведската влада постави  четири приоритети, каде што како четврти приоритет се демократските вредности и владеење на правото. На овој план Македонија е на дното, односно доверба на правосудниот систем е ZERO (по мене). А за Кацарска, довербата на граѓаните во Уставниот суд е зголемена. Од Кацарска, што е многу, многу е. Трагикомично. Да, има најголема доверба од Заев, Таче, Османи, Абаз, Пендаровски, а тоа е 0,00001 %.

Кацарска против  иницијатива доставена до Уставен суд ??!!

Уставниот суд на 38-та седница на 1 декември 2022 година, расправа по моја доставена иницијатива У.бр. 128 од 16.09.2019 година, и го оспорува актот од одредбите на член 174 ставовите 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високо образование (Службен весник на Р.Македонијабр.82/2018).

За моите читатели, да им биде појасно:

Поранешниот министер и заменик министер за образование и наука Рената Дескоска и Арбер Адеми, носат Закон за високо образование (Сл.весник на РМ бр.82/2018). Поаѓајќи од принципот на неспоивост на државни и јавни функционери, а  имено функцијата на претседателот на Владата и министер со вршење на други јавни функции или професии, а согласно член 89 од Уставот на Р.Македонија, ја поднесов Иницијативата на уставноста на член 174 став 8 и 9  и член 176 став 3 од Законот за високо образование на РМ. Како предлагач на Иницијативата го имав во предвид  член 51 од Уставот на Република Македонија во кој се утврдува дека законите мораат да бидат во согласност на Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Недвојбено произлегува  дека членовите 174 став  8 и 9 и член 176 став 3 од законот за високо образование не се во согласност со член 89 од Уставот на Р.Македонија.

Како предлагач на уставната иницијатива барав Уставниот суд да поведе постапка за испитување на уставноста на Законот за високо образование во согласност со се што е погоре наведено, а особено, во врска со член 89 од Уставот на Р.Македонија во кој стои: „… Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон“.

Следејќи ја тенденцијата на уставотворецот и онтолошкото значење на трудово-правниот институт „мирување на работниот однос“, истиот е дорегулиран во Законот за работните односи кој е basic legem за регулирање на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос  (пречистен текст, Службен весник на РМ бр. 74/2018), член 151:

Мирување на работниот однос на работник избран или именуван на државна или јавна функција 

Во согласност со тој член: „на работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавачот, му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата и има право, во рок од 15 дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа кај работодавачот за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Евидентна е интенцијата на законодавецот кој во овој закон (ЗРО) ја следи филозофијата на уставната одредба која е адекватна на нејзината цел, а таа е: да се оневозможи каква било работна активност на функционерот односно работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон. Од таа причина и терминологијата која ја користи ЗРО е „мирување на правата и обврските од договорот за вработување„ (чл.45) и подразбира дека „за време на мирување на договорот за вработување, мируваат договорните и другите права, како и обврските од работниот однос коишто се непосредно поврзани со вршењето на работата.“ Но, Законот за високото образование на РМ (Службен весник на РМ бр. 82/2018), не ја следи оваа тенденција и е во јасна колизија со уставните норми, па како таков, во членот 174 став од ЗВО експлицитно определува дека:

(8) При мирување на работниот однос, лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничкозвање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус на студии без финансиски надомест.

(9) Лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручноили наставно звање, на кое му мирува работниот однос, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност.

Понатаму, во член 176 став 3 од Законот за високото образование на РМ (Службен весник на РМ бр. 82/2018) се определува:

(3) Времето за распишување на конкурсот од ставот (1) на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи.

Евидентна е неусогласеноста на цитираните одредби на ЗВО со членот 89 од Уставот на Р. Македонија.  Уставната одредба и уште повеќе, концептот на „мирување“ на работниот однос, во својата суштина подразбира целосно мирување на сите активности, права и обврски од работниот однос кои што се непосредно поврзани со работниот однос. Во ставовите 8 и 9 од членот 174 јасно се гледа дека не се почитувани пропишаните ограничувања за мирувањето на работниот однос па спротивно на уставните норми се дозволува „не-мирување“ на активностите, правата и обврските од работниот однос.

Уште повеќе, уставната одредба од членот 89 неспорно имплицира дека последиците на мирувањето не се оставени на слободна диспозиција на функционерот (како што во член 176 став 3 од ЗВО е предвидено дека на барање на лицето, рокот за распишување на конкурс за избор во звање, не мора да се продолжи!?) Функционерот не може и не смее да се става над Уставот и своеволно да остварува дополнителни права за себе, во време на извршување на друга државна или јавна функција поради која, работниот однос му мирува.

Во поткрепа на овие аргументи, функционерот избран на јавна или државна функција, нема да има време и можност квалитетно да ја изведува наставно образовната дејност, ниту пак квалитетно и професионално да ја извршува и да постигне резултати во извршувањето на јавната, односно државна функција. Не ретко, ваквата двојност на функција / професија резултира и во судир на интереси, состојба на судир меѓу јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице во кој приватниот интерес влијае или може да влијае врз извршувањето на неговите јавни овластувања и должности, Ова начело на забрана на судир на интереси според тоа подразбира забрана за вршителите на сите јавни функции едновремено да обавуваат односно извршуваат други функции и професии при чие извршување, заради интересот изразен во нив, да можат објективно да дојдат во ситуација каде јавната функција ќе ја извршуваат на начин на кој јавниот интерес ќе го подведат на својот или туѓ приватен интерес односно ќе ја извршуваат на начин на кој би се довело во прашање остварувањето на општиот интерес (ова особено е случај со едновременото вршење на функцијата Министер за образование и наука на Р. Македонија и професор на Тетовскиот државен универзитет).

Уште повеќе, ваквата спорна законска одредба предизвикува концентрација на моќ во една функција, што претставува коруптивно однесување per se.[1] Конвенцијата против корупцијата на Обединетите нации (UNCAC, Службен весник на РМ бр. 37/07) се утврдува дека целите на оваа Конвенција се: да се унапредат и зајакнат на најефикасен начин мерките против корупцијата; да се унапредат, олеснат и поддржат меѓународната соработка и техничката помош со цел за спречување на корупцијата и за борба против неа, вклучувајќи го и враќањето на имотите; да се унапреди интегритетот, одговорноста и доброто управување со јавните работи и државниот имот (чл. 1), дека секоја држава/страна на Конвенцијата, во согласност со основните принципи на нејзиниот правен систем, подготвува, спроведува и следи координирани политики за ефикасна превенција на корупцијата. При подготвувањето на овие политики е неопходно учество на сите сегменти од општеството и целосно почитување на принципите на правната држава, доброто владеење, интегритетот, транспарентноста, отчетноста и одговорноста (чл.5), дека секоја држава членка, ќе настојува, во согласност со основните принципи на нејзиното внатрешно право, да усвои, да ги задржи и да ги зајакне системите кои фаворизираат транспарентност и спречуваат конфликт на интерес. Од причини што оспорената одредба во однос на функционерите очигледно дозволува исклучок од забраната за корупција и судир на интереси, на овој начин не се зајакнува востановениот систем со кој тие две негативни појави се спречуваат, па оттука оспорените одредби не се во согласност ниту со прифатените меѓународни договори. Ваква двојност во извршување на функции е спротивна на европската пракса и не постои во ниедна земја членка на ЕУ, во која и Република Македонија претендира да влезе.

По оваа моја иницијатива Уставниот суд  носи политичко РЕШЕНИЕ У.бр.128/2019 од 1.12.2022 година со кое: НЕ СЕ ПОВЕДУВА  постапка за оценување на уставноста на член 174 ставовите 8 и 9  и член 176 став 3 од Законот за високо образование (Сл.весник на Република Македонија“ бр.82/2018)…

Ова политичко решение Уставниот суд го донесол со мнозинство гласови и тоа: партискиот претседател Добрила Кацарска (СДСМ), судиите: Насер Ајдари (ДУИ), м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева (СДСМ), Вангелина Маркудова (среќно пензионирање СДСМ) и Фатмир Скендер (анонимус). Додека против политичкото решение со ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ  против Решението У.бр.128/2019 се изјаснуваат судиите  д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски, кои на ден 23.12.2022 година, писмено го образложија следното издвоено мислење со што цитирам:

„Две околности се правно релевантни поради кои го издвојуваме мислењето: Првата се однесува на квалитетното вршење на функцијата на која е избрано, односно именувано лице кое врши професура во образовниот процес. Во истата насока основно се поставува прашањето на квалитетот на образовниот процес во времето кога се врши државна или јавна функција.

Втората околност, според нашето мислење, исто така, правно релевантна, се однесува на правата и обврските при мирувањето на работниот однос.

По однос на првата околност, ние сме на мислење дека функционерот избран на јавна или државна функција нема време и објективна можност квалитетно да ја изведува наставно-образовната дејност, ниту пак квалитетно и професионално да постигне очекувани резултати во вршењето на јавната односно државната функција.

Во однос на квалитетот во образовниот процес состојбите се познати и загрижувачки во прашање на квалитетното образование на младите кадри. Фактите во однос на квалитетот односно неквалитетот во образовниот процес се ноторни и општопознати.

Посебно ја подвлекуваме втората правна релевантна околност, станува збор за мирување на работниот однос. Мирување на работниот однос е важна трудово-правна институција. Притоа се прави разлика помеѓу работата на работниот процес, односно за работата на работното место со вршење на работите и работните задачи, од една, и мирување на работниот однос, од друга страна. Овие две трудово-правни категории, поточно институции се различни и постои дистинкција помеѓу нив. Прво, што е битно, овие две трудово-правни категории не можат да  се остваруваат едновремено. Напротив, едната институција ја исклучува другата.

Наведената разлика се објаснува и се образлага како што следува: Со мирувањето на работниот однос, во случаите кога работникот се именува на државна или јавна функција, чие вршење бара отсуство на работникот на работниот процес, за работникот мируваат сите обврски кои се поврзани со неговите работи и работни задачи кај работодавачот. Со мирувањето на обврските, се разбира, мируваат и сите права од работниот однос. Тоа важи и за mutandis и за кадрите ангажирани во образовниот процес. Апсурдно е да се смета и размислува дека при мирувањето на работниот однос и во времето кога работникот фактички и физички работи кај работодавачот, тој да остварува конкретни права. Во тие права влегува и правото на работна кариера, односно унапредувањето додека мирува работниот однос, вклучувајќи ги и правата кои се однесуваат на стекнување на универзитетски наставни звања.

Од наведената конотација јасни се определбите од член 151 од Законот за работни односи од 2005 година (пречистен текст од 2018 година Службен весник на Република Македонија“бр74/2018).

Имено, со одредбите содржани во член 151 од ЗРО јасно и мошне прецизно е уредено прашањето на мирување на работниот однос на работник именуван или избран на државна или јавна функција.

Се подвлекува дека за време на вршење на државна или јавна функција, чие вршење бара работникот привремено да престане да работи кај работодавачот, нему му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата. По престанокот на функцијата работникот има право во рок од 15 дена да се врати на работа кај работодавачот и да биде распореден на работа која одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

Секое поинакво толкување на оваа одредба со нагласка дека работникот додека му мирува работниот однос има право да остварува конкретни права од работниот однос, сметаме дека таквото толкување е спротивно на законот- interpretation contra legem.

Во иста конотација заслужува да биде подвлечено дека примената на оспорените одредби по однос на правата на наставниот кадар, а во времето кога му мирува работниот однос, преставува и повреда на еднаквоста пред законот и дискриминација спрема вработените лица кај истиот работодавач кои со работа и постигнатите резултати од работа треба да се докажат за евентуално унапредување во работниот процес“.

Со ова издвоено мислење на уставните судии, покажуваат дека донесувањето на Законите треба да бидат усогласени со Уставот на Македонија кој е пример за проучување на Правните факултети во Македонија.

На крај, да ви поставам две прашања Кацарска:

  • Дали е точно дека сте завршиле Правен факултет со просек шест и фазла, како што ќе речат битолчани? и
  • Дали е точно дека сте паднале на правосуден испит?

Ова мое пишување ќе биде доставено до нивните екселенции американската, холандската и други македонски амбасади, заедно со мојата најнова книга: МАКЕДОНСКА ОПШТЕСТВЕНА СТВАРНОСТ.

[1] Како такво, оваа појава е дефинирана во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (Сл.весник на РМ бр. 19/2019) како: „корупција во вршење на јавни овластувања„ (член 44) и соодветно санкционирана.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.