Уставните амандмани да бидат ефективни и дел од Уставот тогаш кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, а дотогаш да формираме преодна влада без ДУИ до избори, порача Мицкоски

При денешната посета на општина Кочани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што од СДСМ велат дека прифатил уставни измени истакна дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа уставните амандмани да бидат ефективни и дел од уставот тогаш кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ а до тогаш да се формира преодна влада без ДУИ до избори.

„Еве тоа и го зборував до сега како одговор, уставните амандмани да бидат ефективни, прифативме тоа да бидат ефективни и дел од уставот тогаш кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ, а до тогаш да формираме еве условно кажано некоја преодна влада без учество на ДУИ со сите останати политички партии, немаме ние против и добро е и другите, консолидираната опозиција на албански политички партии да биде дел од таа влада, да има и таа некои институции, за да можат да имаат рамен терен за игра со ДУИ на изборите. Така што тоа првиот услов и вториот услов е примената на тие амандмани да биде тогаш кога Македонија ќе биде земја членка на ЕУ“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека уставни измени само со одложено дејство, кога ќе станеме земја членка на ЕУ, така ќе го заштитиме нашиот идентитет и ќе спречиме понатамошни отстапки.

„Кога станува збор за уставните амандмани ние рековме во ред, еве да речеме да го прифатиме гласањето за тие но, но да биде ефектот одложен односно со одложено дејство. Тоа значи практично околностите нема да се променат нема да имаме промена на устав тие амандмани нема да бидат дел од новиот устав се до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и на тој начин ние кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки кои ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет“, истакна Мицкоски.