Да му дадеме време на времето, одговори премиерот Христијан Мицкоски, откако беше прашан дали постои простор Европската унија да го прифати предлогот за уставни измени со одложено дејство, повторувајќи го ставот дека само такво можно решение е прифатливо за него.
„Друг тип на уставни измени додека сум јас премиер нема да има. Ултиматуми и диктати нема да прифаќаме. Доколку мислат дека треба на тој начин да промовираме европски вредности – простете, но тогаш јас не сум добар соговорник“, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека за да започне процесот на уставните измени, неопходно е бугарскиот Парламент да го ратификува Пристапниот договор за членство на земјата во Европската унија. Според него, ова е фер и правично решение кое ќе осигури дека уставните измени ќе стапат на сила само по ратификацијата.
„За да почне процесот на уставните измени, потребно е она што ние го предлагаме да биде прифатено, а тоа е кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува Пристапниот договор на нашата земја во рамките на Европската унија, да важат тие уставни измени,“ изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека ова барање е поставено за да се обезбеди фер процес и да се заштитат националните интереси во рамките на евроинтеграциите. Според него, ваквиот пристап ќе овозможи правична постапка која ќе ја гарантира правната сигурност на земјата.
Мицкоски истакна дека испраќањето писмо до Европската унија нема смисла, бидејќи сите клучни прашања веќе биле разгледани со лидерите на ЕУ, вклучувајќи ја и претседателката Урсула Фон дер Лајен, која ја посети земјата. Мицкоски нагласи дека темите поврзани со евроинтеграциите биле дискутирани и покриени во разговорите.