Утре во Владата почнува јавната расправа по четирите нацрт амандмани кои беа утврдени во изминатите денови во Собранието. Од Владата велат во расправата ќе бидат вклучени граѓани, професори, медиумите и сите засегнати кои сакаат да бидат вклучени. Според законската процедура, јавната расправа треба да трае пет дена. Потоа Владата, како организатори на расправата и предлагач на амандманите за измена на Уставот, треба да направи сублимат до расправите и истиот да го достави до Собранието.
Професорката по уставно право на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска испрати отворено писмо по повод постапката за измена на Уставот во кое наведува дека за неа како професор по уставно право е целосно правно и политички неприфатливо,спротивно од мнозинската волја на граѓаните да се организира постапка за уставни измени.
„Зошто? Од едноставна причина затоа што уставните измени не можат да бидат резултат на некакво вештачки создадено парламентарно мнозинство во кое најголем дел се уценети, купени, исплашени пратеници кои би ја продале и сопствената мајка само и само да не одговараат за своите казниви дела сторени во минатото. Секаде во демократскиот свет, барем така не учи уставната пракса, Уставот и уставните амандмани се плод, се резултат најширок можен консензус срочен во заеднички правила на игра прифатливи за најголем дел од граѓаните во системот. Затоа што веќе две децении ги учам моите студенти дека народот, суверениот народ е единствениот носител на уставотворната власт и дека неговото мислење е најважно во процесот на креирањето нов Устав, но и во процесот на негови промени“, пишува професорката Каракамишева Јовановска.
Таа наведува и дека со нацрт амандманите Владата на премиерот Зоран Заев нема обезбедено ниту една уставна гаранција во случај Република Грција да не ги исполни обврските од Договорот од Преспа.
„Ниту еден нацрт-уставен амандман не е предложен во таа насока и покрај тоа што Договорот од Преспа дава таква можност. Оттука, барам Заев јавно да им објасни на граѓаните зошто во преодните и завршни одредби на Уставот не е предвиден, ниту е подготвен нацрт-амандман за заштита на македонските интереси во случај на неуспех на Договорот од Преспа“, вели професорката.
По достават на извештајот претседателот на парламентот има рок од 30 дена за да ја закаже седницата со која што почнува третата и финална фаза од промената на Уставот. За измена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство односно гласовите на 80 пратеници. Во првата фаза оваа бројка се обезбеди со гласовите на осуммина пратеници од опозицијата. Истите сега ја условуваат својата поддршка со подготовка на закон за амнестија со кој што треба да се ослободат дел од обвинетите за собраниските настани од 27-ми април, но и обвинети или осудени во други случаи.
Инаку, втората фаза од уставните измени мина речиси експресно. Парламентарното мнозинство се исклучи од дебатата и четирите амандмани ги утврди за само три дена, иако процедурата предвидува три дена расправа за секој нацрт амандман.