Уште еден ден рок за поднесување на кандидатура за претседател

Утре на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатура за претседател за претстојните избори на крајот на април. До Државната изборна комисија досега номинација поднесе само Блерим Река, кандидатот на Алијанса за Албанците и Движењето Беса.

Во Комисијата ги очекуваат кандидатурите и на кандидатите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. Двајцата покрај партиската номинација собраа и потписи од граѓаните надминувајќи го законскиот минимум од 10.000 потписи.

По доставувањето на кандидатурите ДИК има рок од 48 часа да ги провери и потврди кандидатурите или пак да ги отфрли доколку утврди неправилности.

Предизборната кампања стартува официјално на 1-ви април. Но, кандидатите за шеф на државата ги користат деновите пред утврдувањето на кандидатурите за претставување пред гласачите. Од моментот кога Комисијата ќе ги утврди како кандидати за претседател на државата до почетокот на кампањата тие ќе бидат ограничени во своите активности според Изборниот законик и не ќе смеат да имаат активности кои се ценат како кампањски.

Силјановска и Пендаровски секојдневно се на терен. Професорката која излезе меѓу граѓаните веднаш по нејзината номинација на Конвенцијата на 16-ти февруари веќе помина голем дел од републиката. Од средбите и разговорите со граѓаните постира фотографии на нејзините профили на социјалните мрежи. Фејсбук и Твитер ги користи за да коментира и актуелните политички случувања. Денеска е во Брисел на средби во Европскиот парламентот, Советот и Комисијата.

Пендаровски своите активности го почна пред околу две недели откако неговата кандидатура беше најавена на Конгрес на СДСМ по договор со ДУИ.