И денеска масовен марш за зачувување на унитарноста на Македонија (ФОТО)

Како во изминатите денови, маршот почна околу 17 часот пред Владата од каде поддржувачите на иницијативата се упатија пред Собранието и таму беа одржани говори.

Борис Дамовски од иницијативата „За заедничка Македонија“ рече дека го поздравуваат потегот на претседателот Ѓорге Иванов кој денеска испрати писмо до претседатели и институции низ светот во кое бара осуда и отфрлување на платформата од Тирана.

Пред учесниците се обрати Гордана Јовиќ која рече дека припаѓа на околу 31.000 луѓе од српската заедница во Македонија.  На својот мајчин јазик рече дека „платформата не може да помине“ и ги повика своите сонародници да не заборават што се случувало во изминатите години, дека се припадници на ослободителен народ и дека коските на нивните предци во огромен број лежат на оваа земја и се вградени во нејзината слобода.

Шукрие Хусеин како претставник на ромската заедница рече дека е загрижена за својата татковина зашто, рече, нема друга резервна. – Развојот на економијата и повеќе среќни луѓе треба да бидат теми, а не дали Македонија да биде двојазична. Јас сум една од вас, јас сум граѓанин на Република Македонија. Овде живеат различни граѓани, но слични се по тоа што ја сакаат Македонија. Македонскиот јазик е предност, не е мана што некој сака да ја искорени. Цело е кога има се, рече Хусеин.

На вечерашниот собир беше прочитан и статус на ракометарот Кире Лазаров, во кој вели дека ги почитува сите граѓани во Македонија, ја поддржува граѓанската иницијатива и повикува да се зачува интегритетот и идентитетот кој, како што вели, наследен е од предците со должност да се пренесе на идните поколенија.

Организаторите ги повикаа поддржувачите да се придружат и на утрешниот марш, кој ќе почне во исто време и на исто место.

15

14

13

12

10

9

8

7

6

5

4

2