Уште еден пораз на македонската фудбалска селекција од Шпанија (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија со 1:2 (0:2) беше поразена во неделата вечерта од селекцијата на Шпанија во натпреварот од 6-то коло во квалификациите за Свеското првенство 2018 во Русија.

Шпанските фудбалери очигледно беа подготвени да не дозволат никакво изненадување и стравување до последниот свиреж на судијата што го доживеаја нивните најголеми ривали Италијанците претходно во Скопје, па доминантно го започна натпреварот и по малку повеќе од третина од мечот имаа убедливо водство од 2:0.

Во 15 минута Давид Силва го измами во шеснаесетникот Ванче Шиков и лесно го совлада голманот Столе Димитриевски. Веќе во 27 минута Иско без никакви пречки мина по десната страна уфрли на втората статива до Диего Коста кој поентираше. „Црвената фурија“ доминираше на секој дел од теренот во текот на целото прво полувреме и имаше низа шанси, но не за среќа не беа прецизни во завршницата па на одмор македонските репрезентативци заминаа со два гола негатива.

По многу бледото прво полувреме домашните фудбалери во вториот дел влегоа поангажирано, а на рака и одеше и веќе индолентниот однос на Шпанците чија цел беше да ја контролираат топката (74 отсто во текот на целиот наптревар) и без многу напори да го задржат или зголемат водството.

Во вторите 45 минути шанса доби и 17-годишниот Елиф Елмас кој покажа дека станува збор за голем потенцијал кој го оправда повикот да дебитира во националниот дрес.

Поангажираниот приод во играта во вториот дел беше награден со одличниот гол на Стефан Ристовски во 66 година, кој по проигрувањето во празно од капитенот Горан Пандев на средината од теренот им избега на ѕвездите во шпанската одбрана и со силен удар под пречката го совлада Давид де Хеа.

Иако покажаа аспирации да сторат и повеќе, македонските играчи не успеаја да создадат позрела шанса за изедначување, а од друга шпанските покрај неколкуте полушанси и промашувања со глава од Рамос и Пике, дури во 86 минута преку Диего Коста сериозно се заканија, но Димитриевски спречи сигурен погодок.

Шпанија останува на врвот од табелата во групата во којашто во другите натпревари Италија со 5:0 го совлада Луксембург, а Албанија направи изненадување откако на гостувањето со 3:0 го совлада Израел. Македонија со петтиот пораз, е на претпоследното петто место пред Луксембург.

 

https://www.youtube.com/watch?v=TnUKTI49VQ8

 

https://www.dailymotion.com/video/x5q2e5i_all-goals-highlights-hd-macedonia-1-2-spain-11-06-2017-hd_sport