Уште една девојка го обвинува Роналдо за силување

Правниот застапник Лесли Стовал, кој пред судот ја застапува Катрин Мајорга којашто го обвинува Кристијано Роналдо за наводно силување во 2009 година, изјави во неделата дека таа не е единствената девојка којашто претрпела сексуален напад од португалскиот фудбалски ас.

„Примив повик од девојка којашто рече дека имала слично искуство“, го цитира весникот The Mail on Sunday адвокатот. Притоа, Стовал одбил да ја идентификува девојката, но истакнал дека ќе обезбеди детали за инцидентот за полицијата во Лас Вегас, којашто отвори истрага за делото на Катрин Мајорга.

Кон крајот на септември Мајорга го обвини напаѓачот на Јувентус за силување. Според неа, инцидентот се случил во 2009 година, а како што пренесоа тамошните медиуми во јануари 2010 година фудбалерот ѝ платил 375.000 долари за вонсудска спогодба. Според условите од договорот, деталите од инцидентот не смееле да се изнесуваат во јавноста, а страната која обвинувала се откажала од тужба.

Самиот Роналдо потврди дека имал сексуален однос со Мајорга, којашто работела како хостеса во ноќен клуб во Лас Вегас, но дека тој бил на заемен договор. Според него, објавувањето во весниците на обвинијата претставуваат заговор инициран од претседателот на мадридски Реал, Флорентино Перез, клубот кој летово го напушти Португалецот.