Уште најмалку еден месец хаос на улицата „Елисие Поповски Марко“

Раскопана улица и тротоари, прашина, кал, дупки на секој чекор…блокиран сообраќајот во двата правца, по неколку пати во текот на денот, и пешаците и автомобилите едвај се пробиваат и разминуваат, брмчат машини и мешалки за бетон…Со тоа се соочуваат жителите на улицата Елисие Поповски Марко, во населба Капиштец, кои се гневни затоа што ваква е сликата на улицата на која живеат, со месеци наназад, поточно од април годинава.

„Освен што се градат облакодери на сите страни на улицава, се копаше прво вертикално, се дислоцираа контејнери, паркинг места, без никако регулирање на сообраќајот…се затрупаа дупките со земја и мислевме толку е. А, потоа почна да се  копа хоризонтално и пак истата ситуација се повтори…да не спомнувам колку денови брмчат багери, дупчалки, дробилки…и колку многу прашина ни влегува во станот, на балконот, не може ни прозорец да се отвори, ни алишта да се стават за сушење. Ние посебно го чуствувавме тоа затоа што имаме мало дете“, вели револтирано еден жител на улицата „Елисие Поповски Марко“.

Од Општина Центар велат дека дупките на улицата ќе почнат да се затвораат и улицата да се асфалтира после 18 јули, односно по една недела.

„Улицата „Елисие Поповски Марко“ не е раскопана заради изградбата на околните згради. Општина Центар, во соработка со ЈП „Водовод и Канализација“, поставува комплетно нова водоводна мрежа. Поставувањето на мрежата е завршено, но во моментов се работи на хлорирање и прочистување на истата. Штом ќе го завршиме овој процес, ќе започнеме со асфалтирање на прекопот долж улуцата и санирање на сите дупки. Асфалтирањето и санацијата на дупките се предвидени за една недела од сега, односно за 18 јули“, велат од Општината.

Инаку, како што информираше ЈП „Водовод и канализација“- Скопје, во април годинава на две локации во Општина Центар е започната реконструкција на постоечки водоводни мрежи, поради тоа што биле стари и од несоодветен материјал – салонит, поради што често има дефекти во водоводната мрежа. Исто така, затоа што цевките поминувале низ имоти на објекти, биле недостапни за одржување.

„На улицата „Елисие Поповски Марко“, од ул.„Мајка Тереза“ до раскрсница со ул.„Киро Гавриловски“, во два правца, се јави потребата од поврзување на два големи постоечки цевководи со што ќе се овозможи оформување на циркулационен прстен и ќе се создадат услови за нова преработка на поврзувањата на останатите улични мрежи, од уличките кои гравитираат кон улица .„Елисие Поповски Марко“ како од левата така и од десната страна, појаснија од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.

Вкупното чинење за реализацијата на објектот за кој инвеститор е ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, изнесува 11.779.000,00 денари или околу 200.000 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.